По речиси две децении велешани повторно ќе добијат кино со најсофистицирана опрема за прикажување дигитално кино, а ќе биде сместено во салата „Бели мугри“ на Локалната библиотека односно во склоп на Младинскиот креативен центар, кој тука ќе профункционира до крајот на февруари или почетокот на март, најавија од општината Велес.
„Ова е приоритетен проект од областа на културата во 2020 и еден од најзначајните во изминатите децении, кој Велес ќе го вброи во водечките културни центри во државата“, вели градоначалникот на Велес Аце Коцевски, кој посочи дека покрај техничката опрема и сцената ќе биде соодветно приспособена за потребите на киноприкажување и за други мултимедијални настани. Тој најавил и дека проектот треба да биде завршен во најкраток можен рок.
Од Општина Велес, пак, информираа дека документацијата е веќе подготвена и треба да биде распишана тендерската постапка за набавка на пакет за дигитално кино (DCP), кој вклучува проектор, екран и систем за озвучување. Инаку, велешкото градско кино сместено во зградата на Синдикатот во центарот на градот не работи скоро дваесет години, а во меѓувреме, од 2013 проекции на филмови имало во салата на театарот, со дигитален кинопроектор обезбеден од Министерството за култура. Последниве две години поради прегорена ламба на кинопроекторот и негово нефункционирање, граѓаните на Велес, за жал, немаа можност да следат никакви кинопроекции на големото платно.