Додека соседните земји ни отворија коридори за брз и лесен пристап до европските земји, македонските власти сè уште нè лишуваат од можноста локално да се движиме по нови и безбедни автопатишта.

Според надлежните во јавното претпријатие за државни патишта во нашата држава во моментов се градат 750 километри разни патишта, но за да стигнат до Охрид или до Штип, граѓаните се уште се клацкаат со часови по стари автопати, иако од најавите дека новите ќе бидат пуштени за некој месец, поминаа години.

Премиерот Зоран Заев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески пред некој ден присуствуваа на сечењето лента на автопатот низ Грделичка Клисура, капитален проект на соседна Србија, преку кој патувањето од Скопје до Белград  се скрати на околу три ипол часа.

Но, македонските граѓани повеќе од две години очекуваат да ги видат како ја сечат лентата на автопатот Миладиновци – Штип долг 48 километри, по кој од главниот град до крајниот исток на државата ќе стигнуваат за само 45 минути.

Градежните работи на овој автопат се готови од декември лани, но неговото пуштање од разни причини се одложува и неколку пати се најавува, но не се случува.

За весникот „Вечер“, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов вчера најави дека овој автопат конечно ќе се пушти за пет до шест дена, но под услов ниту еден од нив не биде дождлив, бидејќи треба да се допостави крајпатната заштитна мрежа.

На нашето прашање зошто тоа е пречка за пуштање кога на голем дел од патиштата низ земјава ја нема, бидејќи постојано ја крадат, тој вели без разлика на таа ситуација, автопат не смее да се пушти во употреба без неа и тој ќе ја изврши таа обврска.

-За пет до шест дена под услов ниту во ниту еден да нема дожд, ќе се пушти автопатот но со привремен режим на возење затоа што во околината ќе има градежни работи. Ќе се градат сервисните патишта за околните места, кои не биле предвидени со проектот.

Исто така, летово ќе се поставуваат патарините. Затоа, кога ќе почне да се вози по Миладиновци-Штип, на три места на по 500 метри ќе има знаци дека во близината се работи, појаснува Китанов.

Тој прецизира дека официјалното известување од кинескиот изведувач „Синохидро“ дека патот е готов го добил на 19 декември лани. Но, се утврдило дека нема сервисни патишта, кои не биле ни во проектот, па сега ќе се градат со избор на изведувач преку тендер кој треба да се отвори на почетокот на наредниот месец.

Исто така, 30 проценти од заштитната ограда не биле поставени. Китанов вели дека оградата ја имало во проектот, но ја немало во премер пресметките, односно немало фактура за тој дел од мрежата. Затоа, изведувачот „Синохидро“сега добил налог да ја доврши оваа работа, која патем, беше причина за претходното одложување на пуштањето на автопатот пред околу два месеца.

Пролетва по овој пат почна да се вози, но на диво, за потоа да се постават пречки. Според директорот на ЈПДП во проектот ги немало ниту двете патарини, кај Свети Николе и Кадрифаково, кои дополнително ќе се градат летово.

Автопатот Миладиновци-Штип почна да се гради во февруари 2014 година со најава дека ќе биде готов до мај 2017 година. Но, Китанов вели дека до тогаш бил завршен половина пат, а следниот месец, кога се формираше новата влада на чело со актуелниот премиер Зоран Заев, наместо најавеното пуштање, продолжила изградбата на преостанатата половина од патот. па рокот за завршување е пролонгиран до септември лани. Откако сечењето лента тогаш не се случи, рокот е одложен уште еднаш за до крајот на овој месец.

– За три години претходно беа направени 50 проценти, а по утврдување на сите проблеми и потпишувањето  на анексот на Договорот ние за една година изградивме уште 50 проценти, вели тој.

Ако се исполнат неговите најнови, долго очекуваната делница Миладиновци-Штип треба да се стави во функција најдоцна в понеделник.

Овој автопат е широк 27,4 метри и има по две коловозни ленти и една лента за застанување во секој правец. На него има седум клучки, од кои најсложена е онаа кај Миладиновци каде се спојува со трасите на Коридорите 8 и 10. Максималната брзина на движење на овој автопат е 130 километри на час.

Вредноста на оваа инвестиција според договорот со изведувачот Синохидро е 206 милиони евра, кои се обезбедени со кредит од кинеската Ексим банка и од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Со изведувачот на работите, кинеската компанија „Синохидро“, беа склучени два анакса на Договорот за изградба, со кои во два наврата се продолжуваше рокот за пуштање во употреба.

Неколку одложувања на рокот за изградба имаше и за вториот “капиталец“ меѓу 750-те километри патишта, кои според надлежните сега се во градба.

Овој пат треба да биде долг 57 километри, а досега се извршени 60 проценти од планираните градежни работи. Извесно време се работи со намалено темпо, зашто по потпишување на анексите на договорите со изведувачот Синохидро за зголемената вредност на работите и за пролонгирање на рокот, сега од Ексим банката се чекаат парите кои недостасуваат.

Овој автопат е препроектиран, па првичната вредност утврдена со договорот од 411 милиони евра се зголеми за уште 187 милиони.

За тие пари „Синохидро“ треба да изгради девет клучки кои претходно не биле предвидени, алтернативен пат од Пресека до Арбиново, да изведе дополнителни работи во тунелот Пресека и на целата траса да изведе пропусти за вода, ископи за стабилизација на косините и да ги санира свлечиштата.

(С.В.)