Почнува реализацијата на проктот „Смарт Езеро Младост“

386

Општина Велес од општинскиот буџет ќе одвои околу 14,2 милиона денари за пет значајни инфраструктурни проекти финансирани од домашни и меѓународни фондови.

Првиот проект вреден 1.080.000 евра е „Смарт Езеро Младост – Прва иновативна туристичка атракција во Македонија“, финансиран од ЕУ преку ИПА-програмата, раководен од Светска банка со 974.000 евра, додека 10%, или 104.000 евра се учество на општина Велес.

– Со проектот велешани и регионот ќе добијат нова пешачка патека покрај езерото долга 750 метри, еко камп со 7 унифицирани куќички од дрво во форма на вински буриња како симбол на македонскиот вински пат и парк за авантури за деца во рамките на кампот – рече градоначалникот Аце Коцевски.

Со проектот ќе се гради пристапен пат до винаријата „Шато Сопот“, ќе се уредуваат и маркираат велосипедски патеки во должина од 17,5 километри, ќе се уредуваат паметен паркинг за 23 возила, ќе се постават 43 паметни сијалици, а крајбрежниот појас на езерото под патеката ќе биде пејсажно и хортикултурно уреден. Она што е особено интересно се набавките на 20 паметни велосипеди, 5 паметни контејнери, 5 паметни клупи на соларна енергија, 30 контејнери, платформа за набљудување на птици и киоск за продажба на сувенири. Од паднатите дрвја крај езерото ќе бидат изработени клупи.

– Проектот опфаќа и активности за сигналитика со поставување на билборд крај автопатот Е 75, и информативни табли долж езерото, како и промоција преку промотивни видео спотови, брошури, систем на СМС пораки и веб страница –  додаде Коцевски.

Годишно, на езеро Младост поминуваат над 2 милиони туристи.

Вториот проект е асфалтирање на постоечки земјен локален пат помеѓу селата Сливник и Бузалково и изградба на патен правец село Сливник – село Бузалково, проект финансиран исто така од Агенцијата.

Четвртиот инфраструктурен проект е изградба на улици низ село Сливник во должина од еден километар, а петтиот е Изработка на соодветно решение за асфалтирање на постојниот пат до локалитетот Пешти со цел развој на туризмот до овој природен локалитет на реката Бабуна.

Последниве четири проекти се финансиски поддржани од Агенцијата за финансиска подршка на земјоделството и руралниот развој.

– Со овие проекти ќе се решат некои од инфраструктурните проблеми на граѓаните и ќе се подобри квалитетот на живеење на жителите во општината, во урбаните и рурални средини подеднакво – истакна Јадранка Стефкова од општина Велес.

Реализацијата на проектите ќе почне веднаш и треба да заврши до крајот на годинава.