Почнува примената на новото име: Од денеска сме Северна и двојазична Македонија!

118

Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик. Во рок од седум дена, од денеска, државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата.

“И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено, изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.

Атина денеска до Скопје ќе испрати вербална нота со што ќе информира дека Грција го ратификуваше и Договорот од Преспа и Протоколот за членство во НАТО. Ова вчера го изјави алтернативниот министер за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос.
Тој во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА, ги објаснува следните чекори откако грчкиот Парламент во петокот даде зелено светло за Протоколот за членство во НАТО, а на 25 јануари го ратификуваше Договорот од Преспа.
– В понеделник ќе биде испратена Вербална нота што ќе информира за ратификацијата на договорот и во продолжение Северна Македонија ќе ги информира ОН, но и сите земји членки што ја признаа под уставното име, така што од сега па натаму признавањето да биде со новото уставно име. И секако, од понеделник започнуваат нејзините обврски, во внатрешноста да ги промени имињата на улиците, на објектите, на документите што го имаат старото име, како што беше договорено, објаснува Катругалос, за грчката новинска агенција, пренесе МИА.
Алтернативниот шеф на грчката дипломатија за АНА-МПА, на прашањето дали од оваа недела соседната земја ќе биде обврзана да го користи новото име, одговара позитивно и додава дека Договорот од Преспа е јасен во однос на тоа.
Така по 8 месеци политички бури и неизвесност во Скопје, Атина и Брисел, веќе се е готово. Со вербалната нота која Скопје денеска ја очекува од Атина, ќе биде исполнет и последниот предуслов за стапување на сила на Преспанскиот договор од јуни минатата година..
Во завршните одредби стои дека “спогодбата ќе влезе во сила на датумот на прием на последното известување#. Веднаш потоа, како што е прецизирано со Спогодбата, земјава за тоа ќе го извести Генералниот секретар на Обединетите нации.
Со членот 1 од Спогодбата, земјава исто така е обврзана веднаш да ги извести и сите меѓународни организации, институции и форуми, чиј член е, дека спогодбата е веќе на сила и да побара од сите нив да го прифатат и употребуваат името Република Северна Македонија во вкупната комуникација. Истото ќе биде побарано и од сите земји држави членки на Обединетите нации, вклучително и тие 130 кои досега во билатералната комуникација ја признаваа земјата како Република Македонија.
И покрај срамежливите најави дека е можна некаква корекција на Договорот, што од време навреме доаѓаат од опозициите во двете земји, во завршните одредби децидно стои дека Спогодбата останува на сила за неопределен период и е неотповиклива. Не се дозволени никакви измени на веќе договореното, под покровителство на Обединетите нации.
Со оглед на очекуваниот развој на настаните, Владата уште пред десетина дена ги почна подготовките за промената на таблите на државните институции, кои, според заклучокот, треба да осамнат за 7 дена по ратификацијата на протоколот во Грција, во случајот до петок.
Владата веќе формира Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок од седум дена државните институции, граничните премини и диполоматско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што изјави неодамна владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво.
Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.
Колку ќе чини целиот процес од Владата засега не откриваат, но велат дека тоа ќе се знае откако ќе зварши целата постапка.

Во следните неколку дена ќе се објават Уставните амандмани во “Службен весник„

По исполнување на сите правни услови за влегување во сила на конечната спогодба и уставните амандмани, Владата на Република Македонија, ќе го објави во “Службен весник# датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон. МНР очекува ова да се случи неделава.
Потоа, како што велат од Министерството за надворешни работи, Република Северна Македонија и Грција ќе достават заедничко писмо до Генералниот секретар на ООН, со кое го информираат Антонио Гутереш за датумот на влегување на сила на конечната спогодба, со што се става крај на повеќедеценискиот билатерален спор меѓу двете земји.
– По ова, Република Северна Македонија на соодветен начин ги информира: Секретаријатот на ООН, земјите-членки, земјите набљудувачи на ООН, како и сите останатите меѓународни организации чија членка е, за настанатите промени, велат од МНР.
МНР во соопштението подвлекува дека сето ова се очекува да се случи во следните неколку дена.