Почнува познатиот карневал – Вевчани ќе пулсира во знакот на хуморот и сатирата

120

Вевчани два дена ќе пулсира во знакот на хуморот, сатирата, но и отворената критика кон негативното во секојдневието, кон општеството, кон светот,  прикажано низ колоритните маски што ќе бидат дел од годинашното издание на „Вевчанскиот карневал“.

Цела година вевчанци ги изработуваат своите маски што традиционално ќе ги презентираат утре (13 јануари), на главниот настан во годината за нив – познатиот „Василичарски карневал“ посветен на Свети Василиј Велики, што како бренд се наметна низ годините како најуникатната културна манифестација во земјава.

Нивните креации се сработени со единствена цел – смешен, подбивен начин да исмејуваат познати, непознати ликови и да коментираат настани што ставија печат на старата 2019 што изминува. Не случајно што изминува, затоа што за вевчанци Новата 2020 година пристигнува на 14 јануари, а тоа правило го почитуваат и гостите.

Сите тука слават, а портите на домаќините, на сите куќи во селото овие два дена се отворени за секого: со вино, греена ракија, мезе, сето зачинето со шега и насмевка. Карневалските свечености ќе се одвиваат денес преку централниот настан – главното дефиле на василичарите со маските низ улиците на вевчанската „держава“, како што си го викаат селото самите вевчанци.

Тоа е таа поворка за која се вели дека „се може да се одложи, само Вевчанскиот карневал не“. Забавата трае од зората до другиот ден. После дефилето чиј почеток е предвиден за од 14 часот, организирана е голема сенародна забава со настапите на Дамјан Стојановски, Татијана Стефановска и Дувачкиот оркестар „Весела дружина“.

На 14 јануари, кога се слави првиот ден од Православната или Стара нова година, останува да се заврши и онаа процедура според обичајот – точно на пладне на сред село да се палат маските од веќе изминатиот карневал. Така е во Вевчани со години наназад. И уште тогаш, додека со палењето на старите маски се сумираат впечатоците, веќе се јавуваат и првите идеи, се планираат маските за наредното карневалско издание.

Сè е подготвено за 22. „Kарневал под маски“ во Куратица

Жителите на охридското село Куратица и годинава 22 пат славата на селото по повод празникот Свети Василиј Велики ќе го одбележат со голем карневал под маски. Курајчани се подготвени да ги пречекаат сите заинтересирани за нивната веќе традиционална веселба.

Според веќе воспоставената практика, карневалска програма почнува утре (13 јануари) во 18 часот со поаѓање на василичарската поворка од пред василичарскиот оган до сите домаќинства во селото, што трае во текот на целата ноќ до раните утрински часови.

Централниот настан на манифестацијата е на 14 јануари од 19 часот, додека самата парада на маскираните василичари е предвидена за 20:30 часот. Вечерта ќе биде збогатена со забавна музичка програма, додека во 22:30 часот е предвидено прогласување на најуспешните маски, и тоа во две категории, за деца и возрасни.

Веселбата со уметниците: Влатко Миладиноски, Златко Миладиноски, Дамјан Стојаноски и Дарко Стојаноски со огномет ќе трае до раните утрински часови. Жителите на Куратица велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото.

Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција што датира од далечната 1575 година.