Почнува Меѓународниот натпревар „Охридски бисери“

219

Меѓународен натпревар на млади музичари „Охридски бисери“ 2019 почнува денеска денеска во Охрид.

Во пет натпреварувачки денови, во салата на Градското собрание на градот Охрид ќе настапат осумдесетина учесници од Германија, Обединетото кралство, Русија, Полска, Литванија, Грција, Србија, Бугарија, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Северна Македонија.

Годинава на програма се дисциплините дувачки инструменти, флејта, обоа, кларинет, саксофон, труба, хорна, тромбон и камерна музика во различни состави со споменатите инструменти.

На свеченото отворање денеска со концерт ќе се претстават Ања Малков – флејтистка од Србија, добитник на наградата Гранд при на „Охридски бисери 2017“ и гудачкиот квартет на Македонската филхармонија.

Овој реномиран натпревар им нуди можност на младите уметници за претставување на личните достигнувања, дружење и размена на искуства со колеги од целиот свет, како и контакт со врвни педагози и репродуктивни уметници од областа на класичната музика, кои учествуваат како членови на жири – комисиите.

Поставувањето високи стандарди при конципирањето на програмата и строгата селекција на наградени учесници се предизвик за посебно надарени млади музичари од целиот свет кои веќе осумнаесет години доаѓаат во Охрид и со учеството на натпреварот ја надградуваат својата професионална уметничка кариера.

„Охридски бисери“ е единствен меѓународен натпревар, член на меѓународната асоцијација ЕМСИ – европска асоцијација на музички натпревари, од 2005 година, во која членуваат педесетина други натпревари од 30 европски земји.

Годинава учеството во жири комисиите го потврдија професори од повеќе европски музички академии: Андреј Иков професор по труба и прв трубач во светски познатиот Баљшој театар од Москва, Детлеф Бенсман саксофонист и Петер Арнолд хорнист од Германија, Пенчо Пенчев професор по труба од Бугарија, Бранко Михановиќ обоист од Загреб, Хрватска, Бранислав Аксин тромбонист и Лаура Леваи Аксин флејтистка, двајцата професори на Музичката академија во Нови Сад, Србија, Емир Нухановиќ кларинетист од Сараево, Босна и Херцеговина, како и нашите Страшо Темков професор по флејта и Васо Ристов професор по труба, од Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Во секоја дисциплина и категорија се доделуваат три главни награди, а од победниците на завршниот концерт стручното жири одбира тројца, добитници на вредни парични премии и Гранд при за најуспешниот учесник на целиот натпревар.

Освен тоа на натпреварот се доделуваат и специјални награди, од асоцијацијата ЕМСИ, од Фондацијата „Томислав Зографски“, од нашите здруженија СОКОМ и СМУМ, како и награда инструмент саксофон од компанијата „Јамаха“ за најуспешниот саксофонист.

Натпреварот „Охридски бисери“ се одржува со финансиска поддршка на Министерството за култура и градоначалникот на општина Охрид.