Културно – уметничката манифестација „Карпошово клтурно лето 2024“ по 15. пат почнува утре и ќе трае до 27 – август.
За оваа намена, Општина Карпош издвои средства во висина од 2,5 милиони денари.
Градоначалникот Стевче Јакимовски порача дека оваа година, плоштадот „Делфина“ во Влае, девет дена ќе биде резервиран за незаборавна забава на која ќе настапуваат уметници, солисти, музичари, а ќе има програма и за најмладата публика.
На овогодишното „Карпошово културно лето 2024“ ќе настапат: национален џез-оркестар, гудачки оркестар и Радио Бубамара со солистите Андријана Јаневска, Џон Илија Апелгрин, Ана Петановска, Светлана Јовановска, Зорица Поп-Анкова и Драган Мијалковски, кои ќе бидат дел од македонскиот музички времеплов.
-Ги повикувам карпошани, како и граѓаните од другите општини, да присуствуваат на овие вечери, да се дружиме и забавуваме, малку да се релаксираме – порача Јакимовски.
Тој информира дека локалната самоуправа годинава фокусот го насочила кон македонската културна сцена, со што на јубилејното 15. „Карпошово културно лето 2024“ ќе настапуваат само домашни музичари, уметници и актери.