Општина Кисела Вода од понеделник почнува со исплата на субвенциите за пелети, печки на пелети и огревно дрво. Оттаму велат дека целта е да им се помогне на семејствата кои се соочуваат со финансиски предизвици.
– Овие субвенции, кои се во вкупен износ од околу 4 милиони денари, се наш придонес за подобрување на животниот стандард на граѓаните – изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на пелети за домаќинствата на територија на општина Кисела Вода, до комисијата за утврдување на исполнување на условите за доделување на финансиски средства, пристигнале вкупно 301 барање, а одобрени се 297, додека четири се одбиени поради некомплетна документација. Финансискиот надомест е во висина од 50%, но не повеќе од 10.000 денари.
За субвенционирање и поддршка за кофинансирање за набавка на печки на пелети за домаќинствата на територија на Општина Кисела Вода, пристигнати се вкупно 22 барања, 20 се одобрени, додека две се одбиени поради некомплетна документација.
За купување на дрва за огрев за 2024 година на жителите на општина Кисела Вода, пристигнати се 278 барања, а одобрени се 249 барања со комплетна документација.