Почна чистењето на огромната депонија кај драчевско Аџиево

236

ЈП „Комунална хигиена“ започна со отстранување на голема дива депонија лоцирана на влезот на населбата Драчево, кај местото Аџево. Активностите се одвиваат во координација со општината Кисела Вода и ЈП „Улици и патишта“.

– Ова е продолжение на акцијата за расчистување на депонии низ градот. Досега расчистивме повеќедецениски депонии, како оние во Мичурин, Визбегово и Ново Лисиче и сега на овие места има подигнато паркови во кои уживаат граѓаните на Скопје – истакна градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов.

Тој истакна дека и овој простор ќе биде исчистен и израмнет за десетина дена и ќе стапи на сила системот што го воведува Град Скопје и општините, а тоа е засилен инспекциски надзор.

– Ова е со цел причинителите на вакви депонии радикално ги казниме, бидејќи не смееме животната средина да биде радикално загрозена.  Кон Скопје треба да се однесуваме како да е наш дом и верувам дека никој не сака својот дом да му биде нечист. Грижата за животната средина треба да е повеќе страна – рече Шилегов.

Комуналното претпријатие секоја година отстранува сè поголемо количество неправилно одложен отпад на територијата на градот Скопје, што резултира со создавање диви депонии и загадување на нашата животна околина.

– За жал во повеќе делови на градот зачестени се појавите каде несовесни граѓани и градежни фирми кои во ноќните часови фрлаат градежен шут и кабаст отпад. Ние ќе продолжиме и натаму да ги елиминираме сите црни точки, како што е оваа депонија во Драчево која се наоѓа во непосредна близина на „Дрисла“ со засилени екипи и во ноќните часови – изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Филип Темелковски истакна дека со ребаланс на буџетот обезбедени се пари за решавање на проблемнот на жителите на овој дел од општината, а тоа е завршување на патот за Аџево.

– Сметавме дека треба да се исчисти депонијата, а потоа да се направи патот. Ова е трета локација што ја чистиме и сметаме дека и ова ќе биде една успешна акција. Расчистувањето на депониите го оптоварува буџетот на општината и на Градот, и заеднички со вакви акции можеме да го направиме Скопје поубаво место за живеење – нагласи Темелковски.

(С.Бл.)