Почна изградбата на велосипедски патеки по улицата „Партизанска“, ќе се реконструираат и спортски сали

19

Општина Битола почна со изградба на велосипедски патеки, чиј почеток е од улицата „Васко Карангелевски“ и по улицата „Партизанска“, во должина од над пет километри.

Од Општина Битола соопштија дека велопатеката ќе биде од двете страни на улицата „Партизанска“, за што се обезбедени 425.000 евра.

– Средства има и за целосна реализација на проектот, кој треба да заврши во рок од 120 работни дена – информираа од локалната самоуправа.

Од локалната самоуправа најавија и дека на 11 локации во Општината значително ќе се подобрат спортската инфраструктура и условите за спортски активности.

– Врз основа на изготвените проектни програми, во тек е изготвување  проектна документација за изведба на тартан патека во централното училиште „Тодор Ангелевски“, како и реконструкција на спортскoто игралиште на објектот на неговото подрачно училиште во Горно Оризари и игралиштата во Стрелиште. По примерот на веќе реконструираното спортско игралиште во ОУ „Елпида Караманди“, ќе се реконструираат и спортските игралишта на основните училишта: „Даме Груев“, „Ѓорги Сугарев“, „Трифун Пановски“, „Свети Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, а комплетно ново осветлување ќе добие и игралиштето на подрачното училиште „Коле Канински“ во Буковски Ливади – потенцираат од Општина Битола.

Оттаму додаваат дека е во тек и изготвување на проектни програми, кои треба да бидат усвоени од општинскиот Совет, за изградба на спортски сали во основното училиште „Стив Наумов“ и во подрачното училиште на ОУ „Даме Груев“ во Долно Оризари.

– Со реализација на планираните проекти, во 2025 година, Општина Битола, планира комплетна промена на условите за спортување на учениците, а со тоа и поттикнување на спортскиот и натпреварувачки дух кај младите – наведуваат од локалната самоуправа.