Почна реализацијата на втората фаза од проектот конзоли на река Отиња, на потегот од штипската гимназија „Славчо Стојменски“ до основното училиште „Ванчо Прќе“.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов направи увид во градежните работи истакнувајќи дека ова се прави од неколку причини од кои бенефит ќе имаат граѓаните.
-Станува збор за инвестиција од шест милиони денари од парите на граѓаните, од буџетот на Општина Штип. Целта на конзолата е проширување на коловозните ленти, подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот, низводно на реката Отиња. Нашата цел е да ги прошириме коловозните ленти и централното градско подрачје да го направиме побезбедно за учесниците во сообраќајот, да се подобри протокот на возилата и сообраќајниот метеж да се намали, изјави Јорданов.
Тој очекува за еден месец коловозната лента да биде проширена од црквата „Свети Никола“ до деветтолетката „Ванчо Прќе“. Најави дека проектот ќе продолжи и во текот на наредниот период, а ќе се бараат средства и за проширување на коловозот и од другата страна на реката Отиња.