Почна вакцинирањето на населението над 86 години од штипскиот и струмички регион

50

Почна имунизацијата на жителите над 86 години од штипскиот и струмичкиот регион во штипската сала „Јордан Мијалков“. Највозрасниот пациент кој денеска треба да прими вакцина против Ковид-19 има 100 години.

Директорката на Здравствениот дом-Штип, Снежана Трајковска вели дека денеска имаат закажано 1000 пациенти од двата региони. Инаку вакцинирањето почна со два часа задоцнување, наместо во 8 аплицирањето на вакцините стартуваше од 10 часот.

-На овој пункт „Мој термин“ ги пушти термините за вакцинација од 10 часот, наместо од 8 часот, како што беше најавено. Така што имавме малку празен простор, но и ние се доекипиравме, со сите помошните средства, што ги донесовме од утрово и сме подготвени, вели Трајковска.

Во салата има 22 вакцинални пункта, а претпладнево пациентите се редовни и доаѓаат на термините. Вчера пристигнаа 5.000 кинески вакцини „Синофарм“, а на секои трети ден ќе очекуваат и нови вакцини. Здравствениот кадар е обучен за аплицирање на било која вакцина.Само од штипскиот регион се имаат пријавено над 20.000 граѓани за имунизација. Над 80 отсто од здравствениот кадар е од Здравствен дом-Штип и Клиничка болница, а денеска останатите 20 отсто од кадарот се од Радовиш и Виница, а од утре ротираат и од останатите градови од двата региони.

Градоначалникот на Оштина Штип, Сашко Николов денеска беше во посета на вакционалниот пункт и истакна дека е задоволен од подготвеноста на здравствените работници, како и од студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип и волонтерите на Црвен Крст-Штип. Инаку општината помогна во опремувањето на пунктот, како и во организацијата на имунизацијата на населението од двата региони.