Почнаа геомеханичките истражувања на трасата на коридорот 10-д

704

Откако во петокот беше означен почетокот на изградбата на автопатот Прилеп – Битола, на терен машините веќе вршат подготвителни работи.

Оваа автопатска делница е со вкупна должина од 39,3 километри и ќе им го олесни движењето на граѓаните од Прилеп, Крушево, Битола, Могила, Новаци, Ресен, како и на сите останати што живеат или транзитираат низ овој регион.

Коридорот 10-д и Коридорот 8 се најголемиот инфраструктурен проект во историјата на нашата држава. Со проектот е предвидена изградба на модерни автопатски делници на четири патни правци во должина од 110 километри, како дел од коридорите 8 и 10-д: автопатот Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан и автопатот Прилеп – Битола.

Предвидено е автопатските делници да бидат изградени во следните четири години и седум месеци, а изведувач на проектот е американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

– Овој проект е најзначаен во историјата на нашата држава и од причина што Коридорот 8 станува дел од мрежата на главните трансевропски коридори, за што веќе следната недела Владата на Република Северна Македонија и Европската Унија ќе потпишат анекс на договорот со кој Коридорот 8 се вклучува во главните коридори на Западен Балкан како дел од трансевропските мрежи на ЕУ – потенцираат од Владата.

Сајкоски: Владата не гради автопат до Кичево, туку до Зајас!

Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски, вели дека со Коридорот 8, Владата не ја поврзува Општина Кичево, туку автопатот ќе заврши до Зајас, со што остануваат уште 16 километри до Кичево, кои нема да бидат опфатени во автопатското решение Гостивар – Букојчани.

– Граѓаните се загрижени и за проектите што ги најавува Владата, односно автопатиштата од Коридорот 8 и Коридорот 10, за средствата што ќе бидат потрошени – милијарда и 300 милиони евра, средства кои што неотчетно ќе ги троши оваа Влада. Но, исто така, сакам да ѝ порачам на Владата дека манипулира со граѓаните со овој проект, бидејќи кажува дека ќе се направи автопатско решение со кое ќе се затвори Коридорот 8. Меѓутоа, од она што го презентираа и кажаа дека ќе прават автопатско решение Гостивар – Букојчани, а не го поврзуваат Кичево, остануваат уште 16 километри што нема да бидат поврзани. Ова автопатско решение е автопатско решение од Коридорот 8, кој ќе завршува, најверојатно, само до Зајас – истакна Сајкоски.