Почина Ирена Кавкалевска, оперската певица, мецосопран во Македонската опера и балет. Како што објави член на нејзиното семејство погребот ќе се одржи в петок, на градските гробишта во Бутел.

Кавкалевска дебитираше на сцената на Македонската опера и балет во 1996 со улогата на Мадалена во „Риголето“.

Добитничка е на повеќе награди и школувана во Македонија, Софија, Грац, Загреб, Кавкалевска дебитира на сцената на МОБ во 1996 година со улогата на Мадалена во „Риголето“.

Настапувала на многу фестивали и оперски сцени, а нејзиниот репертоар зборува за успешни креации во „Аида“, „Набуко“, „Моќта на судбината“, „Сестра Анџелика“, „Јулиј Цезар во Египет“, „Севилскиот берберин“, „Лилјакот“, „Иван Сусањин“, „Цар Самоил“, „Кармен“…

„Уште во првата нејзина појава, Ирена Кавкалевска беше вистинско олицетворение на Кармен, бескрупулозната заводничка. Таа апсолутно пленеше со сценичноста, владееше со целото дејство, очигледно се чувствуваше удобно во улогата што ја толкува. Комотна и самоуверена на сцената, мошне маркантно ја долови фаталната женска привлечност“ – зборува музичката критика за креацијата на нашата уметница во познатата опера на Жорж Бизе.

„Нејзината појава беше особено ретка, како на сцената така и во приватниот живот. Зрачејќи со својата елеганција, нежност и племенитост, остави голема трага во срцата на публиката и колегите. Истовремено, беше и силен борец во сите животни премрежја. Прераната смрт на почитуваната и драга Ирена Кавкалевска за Македонската опера и балет и воопшто, за севкупниот културен живот, претставува огромна загуба. Таа имаше и можеше да подари уште многу сценски и концертни креации…“, посочуваат од Македонската опера и балет.