Во Кавадарци денеска беше потпишан договор за изградба на Регионален центар за згрижување бездомни миленици и ветеринарно здравство, за Вардарскиот плански регион.
Договорот беше потпишан помеѓу претставниците на Центар за развој на Вардарски плански регион и изведувачот на работите, ,,АС машини”.
– Локацијата на објектот е во населба Глишиќ на површина од 5.470 квадратни метри. Целосната финансиска конструкција на овој проект изнесува 14 892 319 денари. Дел од средствата во висина од 5 119 385 денари се обезбедени од Швајцарска амбасада, а дел од средствата во висина од 9 772 933 денари се обезбедени од Министерство за локална самоуправа. Согласно динамиката за изведување на градежните работи, целиот проект треба да биде готов во наредните шест месеци, информираа од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев.
Оттаму додадоа дека деветте општини во Вардарскиот плански регион, усвоија модел за управување и организациона поставеност на прифатилиштата на регионално ниво, преку кој, секоја општина обезбеди дополнителни средства, за оперативни трошоци за работење на центарот. Се работи за општините Кавадарци, Велес, Росоман, Неготино, Демир Капија, Градско, Свети Николе, Лозово и Чашка.