Постелнини, дубалки, витамини… за Домот за доенчиња и мали деца – Битола

149

Во рамки на програмата за одбележување на Свети Матеј, Денот на даночните работници, директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, додели донација во Домот за доенчиња и мали деца – Битола.

Лукаревска посочи дека донацијата е обезбедена преку синдикалната организација „Солидарност“, односно сите средства се обезбедени од вработените.

– Како општествено одговорни граѓани, но и како даночници, секогаш помагаме таму каде што е најпотребно. Сè што ѝ е неопходно на оваа установа, постелнини, дубалки, витамини и слично, набавивме со наши парични средства, иако мислам дека им е потребна на дечињата и топла насмевка. Во иднина ќе продолжиме со исто темпо, затоа што треба да ја одржуваме традицијата и го правиме тоа во пресрет на нашиот празник, Денот на даночните работници – Свети Матеј. Горда сум што водам институција што првенствено е општествено одговорна – истакна Лукаревска.

Управата за јавни приходи секоја година донира производи, а во ЈУ Дом за доенчиња и мали деца – Битола, по втор пат, односно во 2017 и во оваа 2023 година, за што вработените ѝ доделија посебна благодарница на Лукаревска.