Сакам овој свет да го напуштам како комунист, му напишал, меѓу другото, Микис Теодоракис на Генералниот секретар на Комунистичката партија на Грција (ККЕ) Димитрис Куцубас во писмото од 5 октомври 2020 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Комунистичката партија, денеска, по смртта на Теодоракис, го објавија писмото и соопштија дека неодамна, „претчувствувајќи го крајот на неговиот живот, телефонски разговарал со Куцубас“, на кој му ги пренел неговите последни желби.
Во писмото, испратено пред нешто помалку од една година, Мицотакис му пишува на Куцубас дека сега, на крајот од животот, од умот се губат деталите и остануваат „големите величини“.
– Па така, гледам дека најкритичните, најсилните и најзрелите години ги поминав под знамето на ККЕ. Затоа, сакам, овој свет да го напуштам како комунист. Би сакал да те замолам, во тој момент, ти лично да преземеш не само да биде испочитувана мојата идеологија, туку и моите борби за единство на Грците, му напишал Теодоракис на Куцубас на 5 октомври минатата година.
Грчкиот композитор Микис Теодоракис почина утрово од срцев удар на 96-годишна возраст, а со одлука на Владата, од денеска во Грција е прогласена тридневна национална жалост.