Во присуство на семејството, блиските пријатели, познаници и нејзините колеги, денеска напладне во Македонскиот народен театар се одржа отворена комеморација на која и беше одадена последна почит на актерката Катерина Крстева (1941 – 2023), доајен на македонското глумиште. Во јавноста најпозната по ликот Мара Попара од филмот „Во кафулето кај Гене“, Катерина Крстева со децении ја засмејуваше публиката преку своите филмски, театарски и телевизиски улоги и радиоемисии кои ќе останат засекогаш запаметени.
Оваа исклучителна личност со својот шарм, хумор и моќта за трансформација остави вечен белег во македонското актерство. За соработката со Кате на комеморацијата се потсетија нејзините колеги од Драмскиот театар, каде што ја започна својата актерска кариера Благоја Чоревски, Ѓокица Лукаревски и Снежана Конеска-Руси.
„Со часови, денови, месеци и години би можел да зборувам за Кате. Но би сакал да ви кажам дека јас како нејзин пријател и колега се чувствувам многу гордо што бев дел од нејзиниот живот и таа од мојот. Ние во радиоемисијата „Хихирику“ бевме како едно семејство. Кога прекина да се игра, како сите наеднаш да прекинавме со животот. Се чувствувам навистина гордо и возвишено што Кате беше мој колега…“, кажа Благоја Чоревски на Комеморацијата.
На ведриот дух на Катерина Крстева се потсети и Ѓокица Лукаревски: „Некој рекол смеењето е здравје. Би било многу едноставно да се влезе в аптека и да се побара една доза здравје. Но, досега таков фармацевтски производ не е откриен, зашто шифрата на тој лек ја знаеше само нашата Кате. Несебично го раздаваше тој чудесен лек каде и да се најдеше на сцена, на естрада, во јавниот живот. Незаборавни се нашите настапи во „Хихирику“, естрадни настапи, но секако и на театарските претстави. И одеднаш една таква сеприсутна личност ја снема од јавниот живот, оптоварена од семејните проблеми за кои не сакаше никој да знае. Ја немаше, а пак беше тука. Ти благодарам за сè, Мара Попара“.
И нејзината колешка Снежана Конеска-Руси се потсети на заедничките претстави и дружењето: “…Мојата генерација ја имаше среќата да соработува со дамите на Македонскиот народен театар, Мери, Вукосава, Цецка, Вучкова, Вртева, Љупка Џундева, Катерина Крстева Кате. Што ме поврза мене со Кате? Се најдов во многубројни претстави од репертоарот на Македонскиот народен театар, но немав конкретни сценски проби со неа. Меѓутоа, дочекав да играме заедно во претставата за деца „Рекламна бајка“. Тогаш имавме навистина и уметнички и секаков судир. Јас како надуена принцеза, а таа како вештерка, лоша а смешна. А потоа го дочекавме и проектот „Црвенкапа“, јас како бунтовната Иванка, а таа како добрата бабичка. Веројатно нашите противставености овозможија и успех на овие претстави. И повторно ми се наметнува прашањето, вчера, денес, утре, како понатаму, како утре? И си велам, памети и продолжи. Паметете и вие, продолжете го изодениот пат на нашите уметници, оти како вели една израелска поговорка: колку што се сеќаваме, толку и ќе постоиме. Кате постоиш за нас…“,
Препознатлив и ведар дух и лик на Катерина Крстева, ја направија миленичка на широката театарска, филмска и телевизиска публика. Како актерка е вработена прво во Драмски театар, за во 1964 година да премине во Македонскиот народен театар, Скопје, каде што останува сè до пензионирањето.
Првата улога во МНТ и е онаа во драмата „Дон Цезар од Базан“ премиерно прикажана во 1965 година. Останати нејзини позначајни улоги во МНТ се во претставите: „Антица“ (1965), „Градскиот саат“ (1966), „Ревизор“ (1966), „Стапица за осум беспомошни жени“ (1966), „Парите се отепувачка“ (1970), „Бесови“ (1978), „Кенгурски скок“ (1979), „Милион маченици“ (1980), „Остен“ (1981), „Молскавици“ (1981), „Граѓанинот благородник“ (1982), „Воена тајна“ (1984), „Бог“ (1984), „Слободни врски“ (1984), „Иванов“ (1984), „Аудиенција и под нов покрив“ (1988), „Рекламна бајка“ (1989) и последната „Крик“ (1991)….
На телевизискиот екран и филмското платно има остварено главни и споредни улоги во сериите и филмовите: „Хихирику“, „Театарче лево коше“, „Трст виа Скопје“, „Македонски народни приказни“, „Волшебното самарче“, „Во светот на бајките“, „Агенција осамени срца“, „Време за плачење“, „Мост“… Меѓу последните улоги и се оние во „Преспав“ и „Дедо и внук“. Присутните на Комеморацијата се потсетија и на дел од нејзините улоги преку видеоинсертите.
На комеморацијата беа прочитани и последните поздрави упатени од министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, од Драмскиот и од Турскиот театар, како и од нејзиниот колега Димче Мешковски.
Комеморацијата заврши со последен аплауз во чест на актерката која беше дел од создавањето на историјата на театарската уметност во Македонија. (Д.Т.)