Поскапува регистрацијата на возилата за 1.000 денари, но зелениот картон останува по стара цена

Поскапувањето на регистрацијата на возилата за 15,4 отсто е уште еден удар врз семејниот буџет. За оваа намена граѓаните ќе мора да издвојат околу 1.000 денари повеќе што и не е така мала сума. Поскапувањето се должи на зголемувањето на цената на задолжителната осигурителна полиса.  Но, она што е сигурно е дека засега зелениот картон за патување во странство останува по стара цена.  Па така оние граѓани кои за празниците и летово ќе патуваат надвор од државата со сопствено возило нема да имаат дополнителен трошок, барем за зелен картон.

1003

Поскапувањето на регистрацијата на возилата за 15,4 отсто е уште еден удар врз семејниот буџет. За оваа намена граѓаните ќе мора да издвојат околу 1.000 денари повеќе што и не е така мала сума. Но, она што е сигурно е дека засега зелениот картон за патување во странство останува по стара цена. Така оние граѓани кои за празниците и летово ќе патуваат надвор од државата да знаат дека нема да има зголемување на цената на зелениот картон.

Македонија во последниов период е сведок на постојано зголемување на цените. Поскапи храната, поскапеа услугите, а сега и регистрацијата на возилата. Има ли нешто што не е поскапено? Просто човек не знае кој производ ќе изненади со нова цена, како што и сега се случи со поскапување на регистрацијата, коментираат граѓаните.

Од осигурителните компании кои ги контактираше весникот ВЕЧЕР велат дека одлуката за зголемување на цената на регистрацијата ја донело Национално биро за осигурување кое ги известило дека задолжителната осигурителна полиса треба да ја наплатуваат по цената зголемена за 15,4 отсто.

„Точно задолжителната осигурителна полиса поскапи за 15,38 отсто, но ние оваа одлука не ја донесовме на своја рака, туку за тоа бевме известени од Национално биро за осигурување. Не знам точно која е причината за зголемување на цената на регистрацијата на возилата, но сметам дека тоа е поради растот на цените на автоделовите. За да им излеземе во пресрет на граѓаните сите што треба да ги регистрираат возилата до 24 мај деновиве им правиме полиси за осигурување по стара цена“, изјавија за весникот ВЕЧЕР од една осигурителна компанија.

Оттаму додаваат дека добро е што цената на зелениот картон не се зголеми, така за возилата до 66 киловати цената на зелениот картон за една година изнесува 60 евра, а за возилата над 66 киловати 90 евра. За еден месец, пак, цените изнесуваат 30 евра за возила до 66 киловати и 60 евра за возила над 66 киловати.

Цената на полисата за автоодговорност е поскапена за 15,4 отсто. Така, наместо досегашните 5.453 денари за полиса за осигурување за 44 до 55 киловатно возило, сега треба да се издвојат 6.292 денари или 893 денари повеќе. Полисата за автоодговорност за возила од 55 до 66 киловати досега чинеше 6.166, а со промените на цените сега тоа ќе ги чини граѓаните 7.115 денари. За полиса за автоодговорност за возило кое е од 66 до 84 киловати сега ќе се плаќа 8.233 денари, ставка која досега изнесуваше 7.134 денари. За возило од 84 до 110 киловати новата цена на полисите е 9.820, а досега чинеше 8.510 денари. Исто така, 15,4 отсто е и зголемувањето на цените на полисите за возила над 110 киловати, односно наместо 10.294 колку што се плаќаше досега, ќе се плаќа 11.878 денари.

Се менуваат и доплатоците за полисата за автоодговорност – 30 отсто останува доплатокот за такси-возила, но висината се зголемува, со оглед на зголемената цена. Истото важи и за доплатоците за рент-а-кар возила, за возила кои имаат над пет седишта, возила кои се товарни, како и доплаток за осигуреникот кој се пресметува според возраста на оној на чие име гласи полисата.

За возилата до 44 киловати цените на полисите за автоодговорност остануваат исти.

На поскапувањето на задолжителната осигурителна полиса реагираше Агенцијата за супервизија на осигурување, според која  зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании.

-По добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената направени се актуарски пресметки за проверка. По извршените актуарски пресметки е утврдено дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано, информираат од АСО.

Поради тоа АСО го информираше и достави предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Министерството за финансии во врска со донесените одлуки од страна на осигурителните компании за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност информира дека в понеделник, на седница на Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност, ќе ја разгледа оправданоста и исправноста на донесените одлуки од страна на осигурителните компании и ќе преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Истовремено, Министерството за финансии врз основа на добиеното известување од страна на Агенцијата за супервизија на осигурување, која е регулатор на осигурителниот сектор се обрати и до Комисијата за заштита на конкуренцијата, со цел да се испита дали се прекршени правилата на фер и конкурентно однесување, а согласно oдредбите од Законот за заштита на конкуренцијата.

Министерството за финансии беше информирано пред два дена од страна на Агенцијата за супервизија на осигурувањето дека мнозинството друштва за осигурување донеле одлуки за зголемување на висината на бруто-премијата за осигурување од автомобилска одговорност на 23 април 2024 година со примена од 25 април 2024 година, а со интервенција во делот на премијата за вршење на дејноста осигурување (режиските трошоци) кои осигурителните друштва самостојно ја утврдуваат.

(А.С.)