Поскапеа услугите, нема веќе шишање за 150 денари и фарбање за 100 денари

Поскапата струја и зголемените цени на репроматеријалите ги поскапеа услугите во државата. Дел од фризерниците во градот, од Нова година наваму, ги покачија цените на фризерските услуги за 20 отсто. Нема веќе шишање за 150 денари, фенирање за 150 денари, фарбање за 100 денари и бричење за 50 денари. Освен фризерските услуги, поскапени се и оние козметичките. Од козметичките салони велат дека, освен струјата, поскапени се и козметиката и репроматеријалите за 20 до 30 отсто, па поради тоа, мораат да ги зголемат и цените на услугите. Така, на пример, третман за лице од 500 денари сега чини 600, депилација на нозе од 400 сега е 550 денари...

996

По поскапувањето на храната, енергенсите и на горивата, поскапеа и цените на услугите во државата. Многу занаетчии како фризери, козметичари, автомеханичари, чевлари… ги зголемија цените на услугите, а оние што сè уште работат по стари цени, размислуваат наскоро да го направат тоа. Занаетчиите, пак, кои ни со зголемени цени на услугите не можат да опстанат, размислуваат да ги затворат дуќаните, бидејќи, како што велат, сметките отишле до плафон, а заработката е сведена на минимум.

Дел од фризерниците во градот, од Нова година наваму, ги покачија цените за фризерските услуги за 20 отсто. Нема веќе шишање за 150 денари, фенирање за 150 денари, фарбање за 100 денари и бричење за 50 денари.

Тоше, сопственик на фризерски салон во Скопје, вели дека ова е неиздржливо, не памети ваков лош период од постоењето на својот дуќан.

– Трошоците се многу зголемени, особено последниве два месеца. Освен на струјата, зголемени се и цените на сите репроматеријали што ги користам за работа, фарби, гелови, лакови за коса, шампони… Откако почна короната, прометот многу ни се намали, а сега ни се зголеми и цената на струјата. За декември добив дупло повисока сметка за струја, а се плашам и да помислам колкава ќе биде во јануари. Ние трошиме многу струја, освен греење, болјерот е постојано вклучен, а тука се и феновите, машинките за шишање, бричење… Цените сè уште не ми се сменети, но размислувам да ги зголемам за минимум 50 денари. Шишање за мажи ми е 200 денари, за жени – 250 денари, фарбање 200, а фенирање 50 денари – вели за ВЕЧЕР Тоше, фризер и сопственик на фризерски салон во Скопје.

И фризерката Марија вели дека ситуацијата е многу тешка. Во фризерскиот салон во кој работи, вели дека од четири фризерки, останале само две, бидејќи нема работа и газдарицата не може да ги плаќа.

– Нема работа како порано, многу е намелена. Цените ни се зголемени од пред Нова година за 50 денари, мораме за да земеме плата, инаку не можеме да опстанеме. Не е само струјата, туку и сите материјали за работа се поскапени за 20 отсто, па реално е толку да поскапат и фризерските услуги. Но, не можеме многу да ги качиме цените, бидејќи ќе ги избркаме муштериите, па и оние постојаните што доаѓаат поради ниските цени. Шишањето беше 200 – сега е 250 денари, фенирањето ми беше 150 – сега е 200, фарбањето, исто така, од 150 е покачено на 200… – вели Весна, сопственичка на маалски фризерски салон.

Освен фризерските услуги, поскапени се и оние козметичките услуги. Од козметичките салони велат дека, освен струјата, поскапени се и козметиката и репроматеријалите за 20 до 30 отсто, па поради тоа мораат да ги зголемат и цените на услугите. Така, на пример, третман за лице од 500 денари, сега чини 600, депилација на нозе од 400 сега е 550 денари…

Поскапени се и чевларските услуги. Лепењето чевли од 50 е качено на 100 денари, менувањето патент на чизми од 100 на 150 денари бидејќи поскапеа лепилото, гумите, лепенките, кожата, патентите…

– Откако почна короната, прометот ни падна за 50 отсто, а од пред два месеца, откога имаме енергетска криза, сè се покачи за 50 отсто. Не можеме да опстанеме ако не ги зголемиме цените. Многу е тешко, особено за малите занаетчии како нас – вели Боби, кој држи чевларски дуќан во Скопје.

И автомаханичарите размислуваат да ги зголемат цените на услугите поради зголемените сметки за струја и автоделовите. Велат дека цените засега се исти, но не за долго и оти планираат да ги зголемат за 20 до 30 отсто.

(А.С.)