Поскапа струја, парно, храна…, граѓаните ја добија новогодишната „честитка“

Струјата поскапи за 9,48 отсто, а парното за 14.05 отсто. Очекувано или не, сепак зголемувањето на цената на струјата и парното кои ќе повлечат низа други поскапувања силно ќе удрат по џебот на граѓаните. Производителите, кои веќе неколку месеци плаќаат поскапа струја најавија дека по Нова година ќе има ново зголемување на цените на храната. Така на пример, ако досега сте плаќале 2.000 денари, од следниот месец сметката ќе биде повисока за најмалку 190 денари, што се однесува до парното, на сметка од 2.000 денари зголемувањето ќе биде околу 300 денари

401

Освен повисоки сметки за струја граѓаните од 1 јануари ќе добиваат повисоки сметки и за парно, a нема да ја имаат ниту дневната евтина тарифа која важеше од 14 до 16 часот. Струјата поскапи за 9,48 отсто, а парното за 14,05 отсто. Очекувано или не, сепак зголемувањето на цената на струјата и парното кои ќе повлечат низа други поскапувања силно ќе удрат по џебот на граѓаните. Производителите, кои веќе неколку месеци плаќаат поскапа струја, најавија дека по Нова година ќе има ново зголемување на цените на храната.

Така на пример, ако досега сте плаќале 2.000 денари, од следниот месец сметката ќе биде повисока за најмалку 190 денари, но колку повеќе ќе плаќа секое домаќинство не може точно да се пресмета бидејќи со укинувањето на дневната тарифа сметките ќе пораснат дополнително – во зависност од тоа колку таа се користела. Што се однесува до парното, на сметка од 2.000 денари зголемувањето ќе биде околу 300 денари, односно сметката ќе им биде 2.300 денари.

Граѓаните се изморени од поскапувања. Велат дека и сега одвај успеваат да го поминат месецот, дополнителното поскапување само ќе го вложи и онака кревкиот животен стандард.

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека по сите анализи и консултации ова решение било неминовно и оправдано и ако не биле другите кратења струјата ќе поскапеше за 25 отсто. Што се однесува до зголемувањето на цената на парното од Регулаторна велат дека исто така било неминовно со оглед на фактото дека цената на гасот на светските берзи бележи раст од 50 отсто, а учествува со 70 отсто во одлуката на крајната цена на парното.

Неодамна, струјата поскапи за 12,36 отсто, но сметките на граѓаните останаа речиси исти, бидејќи Владата го намали ДДВ-то од 18 на 5 проценти. Но оваа година и ДДВ-то ќе се врати на 10 проценти, а вистинската цена на струјата ќе ја имаме во 2023-тата година кога данокот на додадена вредност ќе биде повторно 18 проценти.

Сепак надлежните смируваат дека рестрикции на струја нема да има, а најранливите категории ќе добијат намалување на месечната сметка во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството

Опозицијата критикува дека покачување на цената на киловат час електрична енергија заедно со укинувањето на дневната евтината тарифа, практично ќе значи поскапување на струјата за околу 15 отсто. Ова уште повеќе ќе го намали и така нискиот животен стандард на граѓаните.

Она што е сигурно е дека инфлацијата ќе расте. Засега стабилни се само цените на основните прехранбени производи кои Владата ги замрзна до крај на јануари, а од февруари не чекаат нови ценовни шокови.

(А.С.)