Посевите во Овче Поле и Пелагонија се жолти, а и во другите региони во државата состојбата не е розова. Есента помина без дожд, а зимава без снег. Влага нема ни во подлабоките слоеви на почвата. Катастрофата која на македонското земјоделство му ја предизвика сушата тешко може да се надомести. Според агрометеоролозите промените на времето, кои се очекуваат од утре, нема сериозно да ја подобрат состојбата со влага во почвата.
Агрометеорологот Ангелко Ангелковски вели дека дефицитот на вода во почвата е голем, бидејќи од октомври до јануари наврнале од 40 до 80 литри на метар квадратен што за олку долг период е многу малку.
-Во сите региони во државата има дефицит на вода во почвата, освен во Гевгелија каде во ноември паднаа 9 литри на метар квадратен што малку ја ублажи состојбата. Ако не беа и овие врнежи во ноември немаше да се изврши ни есенската сеидба. Во Овче Поле состојбата е катастрофална, полињата се жолти, а слична е состојбата и во Пелагонија каде што во овој период наврнаа само 0,4 литри на метар квадратен, вели Ангелковски.
Тој додава дека поради недостигот на влага во овој период не може да се изведе ни прихранување на земјоделските култури, а не може да се фрли ни арско ѓубре кое може да направи повеќе штета отколку корист.
-Треба да наврне од 15 до 20 литри дожд на метар квадратен за да може да се искористи арското ѓубре. Доколку паднат врнежи за една до две недели состојбата може да се подобри, а ако продолжи сушата може да дојде до целосно уништување на посевите, појаснува Ангелковски.
Освен во Гевгелија и во Скопје и Крива Паланка паднаа околу 10 до 11 литри на метар квадратен, што исто така е малку за да се надомести недостигот на влага во почвата.
Што се однесува пак до овошките, тие се во мирување не само поради немање вода во почвата туку и поради негативните утрински температури кои не дозволуваат да почне вегетацијата.
Експертите препорачуваат приспособување на климатските промени и наводнување онаму каде што има системи за наводнување, кои пак според земјоделците се нефункционални и поголем период од годината имаат слаб притисок на вода.
-Нема доволен притисок на вода, бидејќи има многу диви приклучоци. Друг проблем е што водата не е достапна кога е потребно да се наводнува. Треба да се стави ред во наводнувањето и да се модернизираат водоводните мрежи во државата, вели еден земјоделец од Кавадаречко. (А.С.)