Како што информираат од групата скопски велосипедисти „На точак“, се работи за експеримент во контекст на ограничување, почитување на физичката дистанца, но и против загадувањето. При тоа, целта на овие пешачки ленти е да го направат побезбедно патувањето на децата до нивното училиште. Тие предлагаат, по примерот на Париз, тоа да се примени и во нашиот главен град.
Од Град Скопје велат дека се отворени за секоја иницијатива што може да се реализира како проект од јавен интерес, но нагласуваат дека најголем дел од улиците околу основните училишта се во надлежност на општините
Париз воведува новина, училишни улици. Тоа е дел од градскиот проект „Париз дише“.
Како што информираат од групата скопски велосипедисти „На точак“, се работи за експеримент во контекст на ограничување, почитување на физичката дистанца, но и против загадувањето. При тоа, целта на овие пешачки ленти е да го направат побезбедно патувањето на децата до нивното училиште.
На периферијата на Париз, на одредени улици, веќе може да се забележат знаци со кои се ограничуваат „училишните улици“, односно лентите.
По примерот на Париз, не би било лошо да се примени тоа и во нашиот главен град, предлагаат од „На точак“.
– Замислете во Скопје, барем неколку дена во годината, да се прави експеримент во рамките на кој улиците околу влезовите на училиштата и на градинките ќе бидат ослободени од автомобили. Барем на први септември да може дечињата безбедно да стигнат во училиштата. Родителите да видат дека подобро ќе биде за нив и за децата ако не ги носат учениците со автомобил до самата врата, да се обидат да ги сменат навиките, да се движат пеш или на велосипед. Замислете, барем еден ден, скопските населби да дишат. Населбите да бидат слободни, луѓето безбедно да се движат, а најважно од сè, децата да почувствуваат сигурност и да може без страв и стрес да влегуваат во своите училишта. Барем неколку дена годишно нека биде така, односно нека биде така барем секој прв училиштен ден во месецот – велат од „На точак“.
Во Париз се предвидени 168 училишни улици. Од нив, веќе има 114 од летото 2020 година, кога е започнат овој проект.
Годинава треба да се изградат 15-20 нови училишни улици. Во периодот од ноември 2022 до март 2023 година ќе бидат расчистени и раззеленети повеќе од 3.500 квадратни метри површина и ќе бидат насадени повеќе од 60 дрвја.
Инаку, кога е можно тоа, на овие ленти се поставуваат подвижни бариери, кои овозможуваат пропуштање на возилата на Службата за итна медицинска помош и собирање на отпадот од домаќинствата , но го забрануваат преминот на автомобили и на други моторизирани возила.
Кога пристапот до блиските паркиралишта или значителните потреби за испорака го спречуваат затворањето на училишната улица, тогаш не се поставува бариера на неа. Во ваков случај, само одредени возила можат да минуваат по нив, но со брзина на одење. Тоа е за пристап на возилата до паркиралиштата лоцирани во лентата, односно училишната улица, за испораки за бизниси лоцирани во лентата, итн. Но, сепак, пешаците имаат приоритет на целата лента.
Од Град Скопје велат дека се отворени за секоја иницијатива што може да се реализира како проект од јавен интерес.
– Сметаме дека се работи за добра идеја, но најголем дел од улиците околу основните училишта се во надлежност на општините. Единствено би можело да се спроведе такво нешто со меѓуопштинска соработка. Пред сè, потребно е општините да поднесат иницијатива, предлог до Градот, па таа да биде разгледана од службите и да се одобрат средства за тоа. Тоа не е нешто што чини многу пари, така што и самите општини може да го реализираат тоа – одговорија градските власти.
(А.П.)