Сто и четириесет лица се пријавени за денешното традиционално спуштање на крстот во реката Вардар, што ќе се одржи во центарот на Скопје по повод Богојавление – Водици. Спуштањето на крстот во водите на Вардар ќе биде напладне од мостот кај хотелот „Холидеј Ин“ и ќе го изврши поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. Претходно, архиепископот г.г. Стефан во 9 часот ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде ќе се одржи традиционалната верска манифестација.
Посебен режим на сообраќај во центарот на Скопје и во општините Ѓорче Петров и Аеродром ќе биде воведен денеска за време на одбележувањето на празникот Богојавление – Водици, соопшти Министерството за внатрешни работи. Од 10 часот до завршувањето на манифестацијата во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени улицата „Филип Втори“ до булевар „Гоце Делчев“ и улица „Кеј Ноември“ до булевар „Кочо Рацин“.
Во општината Ѓорче Петров од 10 часот ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булевар „Партизански одреди“, десно по улица „Ѓорче Петров“, лево по „Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“ по „Демир Трајко“ и лево по улица „Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на Вардар.
Во општина Аеродром од 10 часот за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон село Лисиче.