Поранешниот министер Никола Димитров објави дека бил нападнат со агресија и закани од непознат човек

224

Пораншниот шеф на дипломатијата Никола Димитров на социјалните мрежи напиша дека денеска, додека пазарел, бил вербално и физички нападнат од граѓанин, по што отишол нападот да го пријави во полициска станица.

-Утрово додека нешто пазарев имав непријатна случка со човек кој ни го знам ни го познавам, а кој ме нападна со агресија и закани. Не знам точно зошто, оти не кажа, веројатно политички, а јас политички сум толку свој што може од сите страни да бил инспириран. Шегата настрана, ние сме јавни личности, ние мораме да имаме повисок праг на толеранција на критика и да сме свесни дека не сите граѓани ќе ја почитуваат или ќе се задоволни од нашата работа. Но, во моментот кога таа критика е изблик на вербална или физичка агресија, мора да се реагира. Должност е да се реагира. Затоа и случајот уредно го пријавив. Јас сум добро, самиот инцидент не сакам ни да го коментирам, си бркаат работа органите на редот, ама очигледно не е добра македонската демократија и тоа си заслужува коментар, стои во објавата од Димитров.

Димитров предупреди на растечкото насилство и нетолеранција во македонското општество, кои, според него, произлегуваат од атмосфера на неказнивост и агресија поттикната од партиите, медиумите и ботовите. Го изрази своето загрижување за секојдневните случаи на физичко и вербално насилство, потсетувајќи дека без одговорност и ред сите граѓани се жртви на овој проблем.

„Мора да сме и подобри и позрели од ова, инаку сите ќе се удавиме во примитивизам“, напиша Димитров, повикувајќи на итни мерки за справување со насилството и нарушените вредности во македонското општество.