Поранешниот директор на модниот гигант „Аберкромби и Фич“ уапсен под обвинение за трговија со луѓе

31
EPA/JASON SZENES

Поранешниот директор на модниот гигант Abercrombie & Fitch, Мајк Џефрис и неговиот британски партнер Метју Смит, денеска беа уапсени и обвинети за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација.

Тие се обвинети дека ја искористиле својата моќ и влијание за да таргетираат млади мажи кои сонувале да работат во модната и манекенската индустрија, и дека наводно потрошиле милиони долари на голема операција за трговија и злоупотреба на тие млади мажи, јавува Би-Би-Си денес.

Бројот на наводните жртви не е познат, но во обвинението се споменуваат најмалку 15 лица, а обвинителите велат дека се вмешани десетици луѓе.

Мајк Џефрис, неговиот партнер Метју Смит и нивниот наводен посредник се уапсени утрово на Флорида.

Џефрис и Смит претходно преку своите адвокати негираа дека направиле нешто незаконско. Адвокатот на Џефрис претходно за Би-би-си изјави дека тој детално ќе одговори на наводите кога нивните обвиненија ќе бидат отпечатени.

Abercrombie & Fitch одбија да коментираат за апсењата, но претходно соопштија дека спроведуваат сопствена независна истрага. Компанијата, исто така, негираше дека има какво било сознание за наводната трговија со луѓе за сексуална експлоатација, предводена од нивниот поранешен извршен директор и наводно финансирана од компанијата.

ФБИ отвори истрага во 2023 година по наводите за сексуална злоупотреба, изнесени во граѓански тужби и медиумите, од млади луѓе кои рекоа дека Џефрис ги намамил со ветувања за манекенство, а потоа ги принудувал на сексуални услуги, пренесува Радио Слободна Европа (РСЕ).

Истрагата открила дека имало софистицирана операција во која посредник со мрежа на регрутери бил задолжен за доведување на мажите.

По известувањето на Би-Би-Си, во Њујорк беше поднесена граѓанска тужба, во која се обвинети Џефрис и Смит за трговија со луѓе за сексуална експлоатација, силување и сексуален напад.

Тужбата, исто така, ги обвини Abercrombie & Fitch за финансирање на операција за трговија со луѓе, водена од нејзиниот поранешен извршен директор во текот на двете децении што тој ја водеше компанијата.

Според американскиот закон, трговијата со луѓе со цел сексуална експлоатација вклучува принудување на возрасен да патува во друга земја за сексуални услуги за пари со употреба на сила, измама или принуда.