Парискиот суд го осуди поранешниот графички дизајнер на „Дизни“, Бухалем Бушиба на 25 години затвор за соучесништво во силувањето на стотици филипински девојчиња, објавија денеска француските медиуми.
Истовремено, судот на обвинетиот му одреди период од 20 години социјално-судски надзор, обврска за обештетување на оштетените, како и трајна забрана за вршење на професија која вклучува работа со малолетни лица, пишува весникот „Паризиен“.
Бушиба (59) беше осуден за соучесништво во силување и сексуален напад на стотици филипински девојчиња на возраст од две до 10 години во периодот од 2012 до 2021 година, како и за трговија со малолетници.
При изрекувањето на пресудата, судот ги имал предвид отежнителните околности поврзани со делата на тортура и сурово постапување.
Бушиба им плаќал на Филипинки да напаствуваат девојчиња пред веб-камера во живо, додека од другата страна на екранот давал наредби, кои и самиот ги опишал како „страшни“ и се самозадоволувал.
Бушиба, кој е повторен сторител, ја призна вината, велејќи дека е свесен за се што направил и побара прошка од жртвите.
Како што утврдила истрагата, тој во наведениот период за снимениот материјал платил вкупно 50.000 евра, а за секое видео на насилство врз девојчиња од 50 до 100 евра.
Бушиба првпат беше осуден во 2014 година за сексуално насилство врз неговата деветгодишна ќерка.