Поради тензиите на Блискиот Исток цените на нафтата растат

14

Фјучерсите на нафтата вчера се зголемија за повеќе од 3%, при што глобалната цена на нафтата од типот брент надмина 80 долари за барел за прв пат од август. Инвеститорите стравуваат дека конфликтот меѓу Израел и Иран може да го загрози снабдувањето со сурова нафта во регионот.

– Цените на нафтата значително пораснаа бидејќи војната на Блискиот Исток се прошири во Либан и поради шпекулациите дека израелски контранапад врз Иран е неизбежен – изјави Џеј Хетфилд, главен извршен директор на Infrastructure Capital Advisors.

Се предвидува дека ако производството на нафта во Иран биде погодено од контра удар, „цените на нафтата би можеле да скокнат и до 90 долари за барел доколку се случи голема штета“.

– Поголем ризик за пазарите би бил израелски напад врз иранските нуклеарни постројки или неговите нафтени полиња. Во ова екстремно сценарио, нафтата најверојатно би скокнала повеќе од 10 долари, а стравувањата од ескалација на тензиите би можеле да доведат до поголема побарувачка за безбедни засолништа – рече Кетлин Брукс, директорка за истражување во KSTB.

Сепак, малку е веројатно дека Израел ќе ги погоди иранските нуклеарни постројки како одговор на минатинеделниот ракетен напад на Техеран, објави американскиот весник Њујорк Тајмс, цитирајќи неименувани официјални лица.

Изворите на весникот наведуваат дека Израел најверојатно наместо тоа ќе се фокусира на напади врз воени бази, разузнавачки служби или раководството, но подоцна би можел да продолжи со нуклеарната програма, доколку Иран повторно возврати.

Израелските власти се сомневаат во ефикасноста на нападот врз иранската нуклеарна програма бидејќи веруваат дека таквите напади би можеле да го принудат да оди во илегала или да го забрзаат нејзиниот развој.

Извештајот, исто така, истакна дека Израел со години наназад немал вистински план да ја нападне иранската нуклеарна програма, туку повеќе беше фокусиран на заканите од Хезболах, се додека Нафтали Бенет не стана премиер на Израел во 2021 година. Со неговото доаѓање на власт се зголеми притисокот за напад врз иранската нуклеарна програма и тој инсистираше на вежби за симулирање на долги летови до Иран.