Австралискиот тенисер Бернард Томиќ важи за најконтроверзниот на АТП и на грен-слем турнирите. На почетокот од јуни направи нов скандал, кој не „одекна“ во првиот час, како што се случува обично во ерата на социјалните мрежи. Дури сега, еден месец подоцна, се дозна за она што го направи на челинџерот во Литл Рок, што ги остави сите без зборови.

Што е тоа? Бернард Томиќ го предаде мечот против Јута Шимизу по само 23 минути, по расправија со својата девојка Кајла Хани. Сите што беа на натпреварот можеа да слушнат како се расправаат неколку минути, односно како се обвинуваат за нешто. Набргу потоа Томиќ му пријде на судијата и му рече дека се откажува. Јапонецот, кој во тој момент водеше со 6:1, не можеше да поверува што се случува.

Според она што се слушна на теренот, Томиќ го одиграл мечот болен, односно заразен со вирус, поради што не можел најдобро да игра. Згора на сè, неговата девојка изутрината добила позитивен тест на ковид-19, но решила да дојде и да го гледа во живо, поради што, веројатно, се скарале.

Инаку, Бернард Томиќ неодамна беше нападнат и претепан на улица. Тој сè уште се обидува да му се врати на тенисот, каде што своевремено важеше за еден од најголемите таленти. Беше 17. тенисер на планетата, но незаинтересираноста за тенисот го оддалечи од врвот, па моментално е на 245. место.

Многу контроверзии ја обележаа неговата кариера. Се сеќаваме на случајот од Австралија, каде што „се обложи со судијата дека има корона“ и на тоа дека долго време беше во врска со актерката од филмовите за возрасни, Ванеса Сиера.