Поради оштетена канализациска цевка од коритото на реката Сушица истекуваат фекалии

86

Поради изградба на нов мост во близина на бензинската пумпа „Пуцко петрол“ во Кичево, оштетена е канализациска цевка што поминува под самиот мост, при што во коритото на реката Сушица наместо вода истекуваат фекалии.

Од комуналното претпријатие најавија санирање на овој дефект, потврди директорот на ЈКП „Комуналец“, Зенел Јонузи.

– Поради положбата на столбот што е поставен на новиот мост на река Сушица, што се наоѓа во близина на бензинската пумпа на „Пуцко петрол“ мораше да се оштети дел од канализациската цевка за да се изгради овој столб. Оштетената цевка за овој зафат, придонесе деновиве во реката да има поголеми количества фекална вода, од која се шири непријатна миризба во делот од коритото на река Сушица од овој мост па до сливот во Зајаска Река, истакна Јонузи.

Работниците се ангажирани на санирање на дефектот и поставување нова канализациска цевка за да нема понатамошно излевање на фекални води. Директорот на ЈКП „Комуналец“ очекува дефектот да биде отстранет до крајот на неделата.