Поради најавените нови врнежи во Шпанија, во сила е црвен метео аларм

172
EPA-EFE/MANUEL BRUQUE

Бројот на жртвите од поплавите во Шпанија се искачи на 217, а поради новите врнежи од дожд кои се најавени во Каталонија и Валенсија, на сила е црвен метеоролошки аларм, кој ги подигна сите служби за итни случаи на највисоко ниво на будност.

Локалните власти во Алтеа ги спроведоа своите први спасувачки операции, вклучително и спасување на маж заробен во неговиот автомобил под подвозник, а локалните жители и туристите беа предупредени и апелирани да бидат внимателни и подготвени.

Црвениот метео аларм е на сила и во некои делови на Каталонија. Аеродромот „Ел Прат“ во Барселона беше поплавен, предизвикувајќи откажувања и одложувања на летови, додека 17 беа пренасочени, а брзите возови меѓу каталонската престолнина и градот Тарагона беа прекинати.

Силни дождови и ветрови утрово ја погодија Тарагона, а потоа ги зафатија и крајбрежните региони на Барселона.

Автопатот кој минува низ Тарагона е поплавен, како и автопатиштата на јужните приоди кон Барселона. Во Барселона наврнале 180 литри дожд на метар квадратен.

Наставата во сите училишта и универзитети во Каталонија денеска е прекината, а на луѓето им е препорачано да работат од дома доколку можат. Издадено е предупредување за поплави за жителите на каталонската престолнина, како и за 800.000 жители на регионот што граничи со Барселона.

Шпанските власти соопштија дека во поплавите во таа земја загинале 217 лица, од кои 213 во Валенсија и околината.

Спасувачките операции продолжија во предградијата на Валенсија. Ниту едно тело не е пронајдено во гаражата на трговскиот центар од каде што била испумпана водата од 50 возила, јавуваат шпанските медиуми.

Во акцијата за расчистување на последиците од поплавите во Валенсија и околината учествуваат 12.500 војници и бројни доброволци.

Кралот Фелипе Шести, говорејќи за бурната реакција на граѓаните на Паипорта кои фрлаа кал врз него при посетата на тоа предградие на Валенсија, рече дека мора да се разбере гневот и фрустрацијата на жителите на тој град.

„Мораме да им дадеме надеж на луѓето кои се погодени, да ја решиме вонредната ситуација, но и да гарантираме дека државата е присутна во полн капацитет“, рече шпанскиот монарх.