По донесувањето на одлуката на Владата, заради непречено спроведување на изборите за претседател и за пратеници во Собранието, 24 април и 8 мај да бидат неработни денови за сите граѓани и да не се одработуваат, а бидејќи училиштата во нашата земја, во најголем дел, се претвораат во избирачки места, кај родителите и кај наставниците се отворија неколку дилеми за размислување околу спроведувањето на образовниот процес.
Поточно се поставува прашањето како ќе се одвива образовниот процес ден пред и по изборите, дали наставата ќе биде скратена, дали ќе се одвива вообичаено или нема воопшто да ја има. Кај родителите се отвора и дилемата дали ќе има дезинфекција на училниците и на градинките откако на изборните места ќе поминат илјадници гласачи, а само неколку часа откако ќе заврши пребројувањето на гласовите и ќе се спакува изборниот материјал, треба во тие простории да пристигнат и децата.
Да се потсетиме, на претходните избори, кои се случуваа во текот на корона-19 пандемијата, за училиштата, градинките и другите службени простории кои беа претворени во избирачки места, ДИК препорача дезинфекција, а наставата и згрижувањето продолжија нормално наредниот ден.
На прашањето на весникот ВЕЧЕР испратено до Државната изборна комисија во врска со одвивањето на образовниот процес во училиштата, неработните денови и организацијата на училиштата, тие нè информираа дека ДИК нема надлежност и нема право да одлучува за ова.
„ДИК испрати известување до општините и ЗЕЛС за должноста просториите каде што се предвидени избирачки места за одвивање на гласањето на денот на изборите во кои ќе биде сместен изборниот материјал, да се ослободат и да се чуваат заклучени, како и по приемот на изборниот материјал, тие да не се користат за настава или за други активности согласно со нивната намена. Наведените простории ќе бидат под надзор и обезбедување од страна на Министерството за внатрешни работи“, стои во одговорот на ДИК за нашиот медиум.
Останува неодговорено прашањето како ќе се одвива наставата ден пред и по изборите со оглед на тоа дека најголем дел од гласачките места се во училиштата и дали и колку е потребно време за преадаптација на училниците во гласачки места, а потоа нивно враќање во првобитната состојба.
Иако весникот ВЕЧЕР испрати неколку прашања до Министерството за образование и наука, до затворањето на весникот не добивме одговор оттаму.