Поради вакцината против ковид-19, загрозени дури 500.000 ајкули

155

Експертите за диви животни тврдат дека половина милион ајкули можат да бидат убиени во обид да се најде вакцина против ковид-19.

Сквален, природно масло во црн дроб на ајкула, се користи како лек и како помагало за зголемување на ефикасноста на вакцината.

Исто така се користи во пробни вакцини за коронавируси.

Доколку лекот што содржи сквален е ефикасен и започнува пошироко производство, организацијата „Shark Allies“ (Сојузници на ајкулите) верува дека ќе треба да бидат убиени околу 250.000 ајкули за да се обезбеди по една доза за секоја личност.

Тој број се удвојува и станува застрашувачки ако на луѓето им требаат две дози на вакцина, наместо една за да бидат целосно вакцинирани против ковид-19.

Стефани Брандл, основач и извршен директор на „Shark Allies“, рече дека земањето на нешто од диво животно никогаш нема да биде одржливо, особено ако станува збор за „предатор кој не се размножува во огромен број“.

„Ние не се обидуваме да го забавиме или нарушиме производството на вакцини. Со потребни милијарди дози секоја година, во децениите што доаѓаат, клучно е да не се потпираме на ресурсите на дивиот свет “, напиша таа во објава на Фејсбук.

Групата покрена онлајн петиција со која се апелира да не се користат ајкули во вакцината прови ковид-19, туку постојни и долгорочни одржливи опции.