Во пресрет на најавениот „блек фрајдеј“ викенд, Управата за јавни приходи упатува препорака до сите даночни обврзници што ќе применуваат попусти на цените на своите производи и услуги, истите да ги изразат и наведат при издавањето  сметка, односно пресметаниот данок на додадена вредност да биде наведен на сметката со новосоздадената цена.

– Даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги, а за кои плаќањето се извршува готовински, должни се да поседуваат фискален систем на опрема (ФСО), задолжително да издаваат фискални сметки при вршењето продажба и промет и на видно место да постават соопштение со кое го информираат купувачот на доброто за неговата обврска да побара фискална сметка – велат од УЈП.

Потрошувачите на добра, односно корисниците на услуги, при купување, исто така, се должни да побараат фискална сметка и да ја чуваат по напуштањето на местото на прометот на доброто, заради контрола.

– Секој граѓанин има право и обврска да ги пријави недисциплинираните даночни обврзници што не ги исполнуваат своите обврски и не издаваат фискални сметки. Ова може да го  направат преку info@ujp.gov.mk или на телефонските броеви – од фиксна линија 0800 33 000, од мобилен телефон 02 3253 200 и „Пријави неправилност на 198“ – велат од УЈП.