Постои некоја тајна врска меѓу македонската публика и мене. Песната од репертоарот на Тоше, „Где да одем да те не волим“, ја снимив на мојот претходен албум. Така што навистина ми е тешко да издвојам нешто што го правам прво кога ќе застанам на македонска почва. Вашата музика е волшебна, исто како и храната. Само морам да внимавам на тоа колку јадам додека сум во Македонија
Поп-пејачката Јелена Томашевиќ има моќен вокал, зад себе има и настап на Песна на Евровизија, има моќни интерпретации, а музичка миленичка ѝ е, велат, легендарната Тереза Кесовија. Затоа не треба да ве изненадува што и самата Јелена посакува да ѝ трае кариерата толку долго колку и успешната кариера на Тереза. Секогаш одлично расположена, насмеана, Јелена е сосема природна, едноставна, достапна и никогаш препотентна. Покрај себе, за сопруг го има актерот (и пејач) Иван Босиљчиќ, за кого дамите отворено велат дека е еден од најзгодните мажи на овие географски простори. Да не се лажеме, згодна е и Јелена, па затоа мажите велат за неа дека совршено функционира со Иван во секој поглед. Нашата публика ја засака по песните: „Кошава“, „Добро јутро, љубави“, „Радио свира за нас“, „Оро“, „Име моје“, „Меланхолија“, „Лудо заблудо“ и, секако, по „Јутро“.
–
До крајот на ова долго, топло лето, Јелена (ќе) има многу солистички настапи, концерти, промоции, фестивали, дружби со новинарите и со своите обожаватели. Во рамките на тие активности, се вбројува и нејзиниот настап на скорешниот фестивал „Охрид-фест 2024“. Поточно, ќе пее на 31 август, на прекрасната летна охридска сцена на Долни Сарај.
– Поради кои причини ја прифати поканата за настап на меѓународниот фестивал „Охрид-фест“?
0 Затоа што песната „Јутро“ е прогласена за песна на сите времиња. Според кажувањето на организаторот, а, пред сè од разговорот со директорот на фестивалот, добро познатиот композитор Григор Копров, оваа песна го добива признанието за песна за сите времиња. Тоа, за мене, е голема чест! Од толку многу песни што се пеат, избрана е токму оваа од мојот репертоар. Среќна сум, пресреќна! Нема зошто да бидам скромна, а вие разберете го тоа како што сакате.
– Кои ти се првите асоцијации за песната „Јутро“?
0 Песната го помина тестот на времето, на сите ни се врежа во срцата и еве ја трае речиси 20 години. Секако дека „Јутро“ е мојата музичка лична карта. Многу ми драго што е прогласена за песна на сите времиња, бидејќи навистина е антологиска. Секако дека дел од заслужената награда му припаѓа и на Жељко Јоксимовиќ, кој е композитор и аранжер на „Јутро“, додека одличниот текст е на Александра Милутиновиќ. Особено сум ѝ благодарна на публиката. Народот ја препозна нејзината убавина, ја прифати за своја, па затоа го има и статусот на евергрин, секогаш зелена, свежа, никогаш здодевна.
–
– Впрочем, има за кого да ја пееш песната, заедно со другите, бидејќи имаш армија обожаватели кај нас, во Македонија. Често настапуваш тука, ја сакаш Македонија, а и таа те сака тебе. Публиката те обожава, тука се и твоите драги спомени на Тоше.
0 Свесна сум за тоа дека ме сака македонската публика. Затоа често настапувам кај вас, а овој фестивалски настап на „Охрид-фест 2024“, за мене, ќе има особено значење. Како што има и самата земја Македонија посебно место во моето срце. Овде доаѓам со радост, секогаш треперам, исполнета со многу емоции. Верувајте ми, не е фраза ако кажам дека по Србија, Македонија ја чувствувам како моја втора татковина. И, секако, не смеам да заборавам да ви го честитам од сè срце големиот државен празник Илинден. Нека ви е за многу, многу години! Се радувам како мало дете на средбата со Охрид, тој божествен град на брегот од божественото Охридско Езеро. Преполн е со цркви, со некоја волшебна, позитивна енергија, поради која се добива чувство што не може да се опише, како да имате крилја со кои ќе го прелетате синото езеро налик на море.
–
– Кој е првата работа што ја правиш кога ќе дојдеш во Македонија?
0Навистина постои некоја тајна врска меѓу македонската публика и мене. Секако, тука е и поврзаноста со вонвременскиот Тоше Проески. Песната од неговиот репертоар, „Где да одем да те не волим“, ја снимив на мојот претходен албум. Тоше е човек што го сакате сè додека дишите и постоите. Така што навистина ми е тешко да издвојам нешто што го правам прво кога ќе застанам на македонска почва. Можеби, прво ги пеам песните од Тоше, а потоа го дишам воздухот, кој така опојно струи околу мене, од зелените планини, додека ја преминувам границата. Па сè додека да влезам во градовите, кај вас обожавам се! Вашите неверојатно љубезни, драги луѓе ми се мошне интересни. Вашата музика е волшебна, исто како и храната. Само морам да внимавам на тоа колку јадам додека сум во Македонија. Не можам да не вкусам од стотиците јадења, кои имаат толку волшебни и мирис и вкус.
– Успешна кариера, фантастични песни, концерти… И покрај тоа, ти остана мила, приемчива, никогаш не се правиш важна… Како успеваш да го совладаш егото?
0 Тоа е резултат на моето домашно воспитување. Но, таков е и мојот карактер. Не знам зошто би била важна, препотентна. Сите ние сме во минување на овој свет, никој не е вечен. Луѓето нека ме паметат како добар човек, а не како некој што негодува. Оваа естрадна работа е многу неизвесна, а популарноста е релативна. Сè може многу бргу да се смени.
–
– Сметаш дека затоа е добро да не се занесуваш со славата, со популарноста?
0 Токму така. Зошто би се занесувала? Па никому не му е забрането да ми направи муабет, да се слика со мене. Се разбира, пристапот да не им е безобразен, невоспитан, дрзок, бидејќи ни јас никогаш не сум таква.
– Што мислиш за тоа колку е денес песната браник против сите „натрапници“ во музиката?
0 Да, тоа може да биде само добрата песна. Ете, токму таква што ќе остане да се слуша и п 20, 30 или 50 години. Во музиката, хит-трендовите секогаш постоеле, меѓу нив има и добри песни, не е сè за осуда. Но, јас не трчам по секоја цена да имам исклучиво хит. Сакам издржани, емотивни, силни песни, со силна порака, убави текстови. Песни што ќе траат, ќе се пеат и тогаш кога нема веќе физички да бидам присутна на оваа планета.
–
–
– Може ли медиумите и новинарите многу да ѝ помогнат на публиката во тоа?
0 Секако дека можат. Ако секој ден ги напнувате луѓето, знаете онака како со војничкиот грав, за појадок, ручек, вечера, брзо ќе им здосадите со некоја песна. Таа песна ќе биде хит три-четири месеци, колку што трае и летото, а потоа ќе престанат да ве слушаат. Сè што е претерано, не е здраво. А, за да не се дојде до оној впечаток дека ѝ е наметнато нешто на публиката, некој вид музика. Публиката има право на свој избор.
Д.М. фото: архива(ФБ-Инстаграм) и Милош Надаждин