Македонските граѓани ќе се пребројуваат за отприлика една година, но останува отворено прашањето како ќе се изведе тоа со оглед на новините кои досега не биле пракса и кои се нејасни за експертската, но и за целокупната јавност. Професорката Тања Каракамишева во изјава за весникот ВЕЧЕР вели бришењето на етничката припадност од графата на попис на населението го урива и мултикултурализмот, односно се признава дека тој повеќе не постои во земјата. И поранешниот директор на ДЗС Дончо Герасимовски, посочува дека во сите досегашни пописи постоело прашањето за етничка припадност и тоа е слободно изјаснување на граѓанинот согласно Устав. Првиот човек на Државниот завод за статистика Атанас Симовски, пак, смета дека подобро е да нема никакви информации за етничката припадност на населението, отколку да се дадат неточни информации и погрешна слика за етникумите.
Можен ли е попис без етничка графа и без графа за јазик што се зборува во домаќинството? Македонските граѓани ќе се пребројуваат за отприлика една година, но останува отворено прашањето како ќе се изведе тоа со оглед на новините кои досега не биле пракса и кои се нејасни за експертската, но и за целокупната јавност. Во исто време, најмногу реагираат помалите етнички заедници кои стравуваат од нивна целосна асимилација.
Првиот човек на Државниот завод за статистика Атанас Симовски смета дека подобро е да нема никакви информации за етничката припадност на населението, отколку да се дадат неточни информации и погрешна слика за етникумите.
– Политичките структури, сакајќи да направат дисбаланс, односно поинаква етничка структура во државата, се обидуваат да влијаат врз пописот за да добиеме нерелевантни податоци, односно неточни, погрешни податоци. Со 28-годишно искуство ви велам дека е подобро да немаме никакви информации отколку тие да бидат погрешни, изјави Симовски неодамна во интервју во врска со пописот, што според најавите ќе се одржи во 2020 година.
Познавачите велат дека за успешен попис неопходно е да се спроведат ефикасни реформи во администрацијата, да се зголеми капацитетот на институциите, да се забрза реализацијата на капиталните инвестиции, да не се носат закони без консултација на бизнисот.
Професорката Тања Каракамишева предупредува дека попис без етничка припадност ќе биде признание дека во земјава повеќе не постои мултикултурализмот.
– Попис без етничка припадност е како регистрација на возило без возило. Невозможно е со закон да се избрише самоидентификацијата на секој човек која пак е клучен елемент за идентитетот на секого од нас. Бришењето на етничката припадност од графата на попис значи и директно бришење на Охридскиот рамковен договор, но и на целата операција на вработувања и стекнување на одредени права по етнички клуч изминативе децении. Бришењето на етничката припадност од графата на попис на населението го урива и мултикултурализмот, односно се признава дека тој повеќе не постои во земјата, вели професорката Каракамишева во изјава за весникот ВЕЧЕР.
Во сите досегашни пописи постоело прашањето за етничка припадност и тоа е слободно изјаснување на граѓанинот согласно Устав, посочува Дончо Герасимовски, поранешен директор на ДЗС.
-Овие етно-културолошки карактеристики спаѓаат етничката припадност која е споредбен белег, потоа е религиозната припадност која е споредбен белег и јазикот односно мајчиниот јазик кој исто така е споредбен белег. Затоа во препораките има главни споредбени изведени белези. Потребите се или препораките секогаш велат задолжително да се применуваат меѓународните стандарди, регионалните, а треба да се имаат предвид и локалните. Тоа што значи доколку државата има потреба за било која карактеристика или белег внатре бидејќи податоците се добиваат од белезите кои ќе бидат наведени во прашалникот, во образецот или онака кој ќе оди сега како апликација за внесувањето на податоците по електронски пат. Тоа значи тие сите податоци ќе се прибираат во тие белези, потенцираше Герасимовски пред две недели во телевизиско интервју.
Според Предлог-законот за попис се предвидува македонските работници кои во периодот од 15 март до 31 март 2020 година ќе се најдат надвор од земјата да можат да се попишат сами на посебна апликација што ќе биде достапна на интернет страницата на Заводот за статистика.
Пописот ќе се спроведе од 1 до 21 април 2020 година, а се предвидува за лицата што ќе бидат опфатени со пописот да се обезбедат податоци за географски, демографски, економски, образовни, миграциски, културолошки карактеристики и инвалидитет, односно функционална попреченост.
Според првичните проценки, пописот на населението и домаќинствата ќе чини повеќе од 8,5 милиони евра.