Околу 30 отсто од адолесцентите имаат од умерени до тешки симптоми на депресија, додека речиси половина од нив, односно 48,4 отсто, изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година, покажало истражувањето од Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ
Децата и адолесцентите во нашата држава имаат големи проблеми со менталното здравје, како што се депресијата и анксиозноста, што се должи на сиромаштијата, социјалната исклученост, изложеноста на семејно насилство и стигмата. На ова укажуваат постојните истражувања за менталното здравје на младите.
Зурија Мемедова од Здружението за одржлив развој „Биом“ – Скопје информираше дека, според последното истражување спроведено од Универзитетската клиника за психијатрија со поддршка од УНИЦЕФ, околу 30 отсто од адолесцентите имаат од умерени до тешки симптоми на депресија, додека речиси половина од нив, односно 48,4 отсто, изјавиле дека се чувствувале потиштено или тажно подолг временски период во текот на изминатата година.
Ова беше констатирано на форумот на заедницата во Општина Крива Паланка за подигање на јавната свест за менталното здравје кај децата, адолесцентите и младите, во организација на Светската здравствена организација, во рамки на заедничката програма на УНИЦЕФ.
Претседателката на Советот на Општина Крива Паланка, Изабела Павловска, порача дека поголемата грижа за менталното здравје на децата, на младите, мора да тргне од секој од нас, зашто ние, како родители, но и како педагози и наставници, сме клучната појдовна точка за тоа.
Во обраќањето на Ане Јохансен, специјален претставник на СЗО, беше истакнато дека целта на заедничката програма на СЗО и на УНИЦЕФ е младите од земјите опфатени со програмата да доживеат, до 2030 година, намалено страдање, подобрено ментално здравје, психосоцијална добросостојба и развој. За таа цел, Јохансен истакна дека е воспоставена соработка со жените лидери од одбрани локални заедници за подигање на јавната свест за важноста на превенцијата и на навремениот третман на проблемите поврзани со менталното здравје.
– Во создавањето поволни услови за поддршка на заедницата, клучна е улогата на жените лидери на локално ниво, кои со организирањето форуми за сите засегнати, ја подигаат свесноста за значењето на менталното здравје на децата, адолесцентите и младите лица во Крива Паланка. Се надевам дека на овој начин ќе интервенираме, бидејќи колку порано се открие болеста шансите за подобро закрепнување се многу, многу поголеми. Ако им го дадеме најдобриот почеток, децата ќе израснат во посреќни, поздрави, возрасни луѓе – смета Јохансен.
Партнерки од Општината се пет жени лидери, кои, по соодветната обука од стручни лица, продолжија со организација на форуми во своите заедници и со отворени разговори во основното училиште „Јоаким Крчоски“. При посетата на училиштето, лидерките го истакнаа значењето на двете иницијативи како пресвртна точка во начинот на кој ги разбираме образованието и добросостојбата на учениците – додаде Мемедова.
На форумот, присутните се запознаа и со стратегиите и решенијата за предизвиците на менталното здравје на локално ниво и со ефективните мерки за промовирање на менталното здравје и на благосостојбата кај децата и кај адолесцентите, како и поттикнување на вмрежување меѓу жените лидери во заедницата за колективно решавање на проблемите во општина Крива Паланка.
Говорници на настанот беа професорката Марија Ралева и психологот Александра Димитровска. На форумот одржан во Европската куќа Крива Паланка, присуствуваа и претставници од училиштата, наставници, стручни служби, бројни граѓани.
Во текот на овој месец, форуми на заедницата ќе се одржат и во Гостивар, Битола и во Општина Карпош во Скопје.