Полицијата ги советува граѓаните да се заштитат од измамници и џепчии

81

Со непосредни средби на градскиот пазар во Гостивар, полициските службеници од Отсекот за превенција на СВР Тетово им делеа совети на граѓаните како да се заштитат од џепни кражби и изманици.

Од СВР Тетово информираат дека во рамките на планираните превентивни активности полициски службеници го посетија гостиварскиот голем пазар и остварија непосредни средби со продавачите на земјоделски производи и граѓаните-купувачи. Низ разговор, им беше објаснето и советувано да внимаваат на нивните паричници и други вредни предмети кои ги носат со себе, зa да се заштитат од џепни кражби.

– На граѓаните, им беше укажано и да бидат претпазливи во контакти со непознати лица кои на и околу пазарите им нудат производи со сомнително потекло и квалитет, но и разни други услуги, наведуваат од СВР Тетово.

Вакви средби ќе бидат реализирани и на другите пазари на поширокото полошко подрачје, во функција на подобрување на вкупната безбедност и намалување на имотните деликти и измамите.

Во изминатиов период имаше зачестени случаи на измами, во кои граѓаните се доведуваат во заблуда и даваат пари или вредни предмети на непознати лица. Некои пријавуваат дека се жртви на џепчии кои на вешт начин го користат невниманието на купувачите и доаѓаат до парите кои тие ги планирале за купување.