Од денеска СВР Охрид, во редовната полициска работа низ градот и туристичките населби во околината, ја воведе велосипедската полициска патрола.
Униформирани полициски службеници на велосипед се вклучија во редовните превентивни, но и репресивни делувања на терен, пред сѐ, за одржување на јавниот ред и мир, како и активности за спречување кражби и други кривични дела и прекршоци, откривање и приведување на сторители на разни кривични дела по плажите и паркинзите, како и во централното градско подрачје.
Велосипедската полиција е современа форма на полициското работење што треба да обезбеди поблизок контакт, односно посилно партнерство со граѓаните, како и нова содржина во превентивното делување, со што кај јавноста треба да се подигне степенот на меѓусебна доверба и позитивна перцепција за полицијата како јавен сервис во служба на граѓаните. Таа е и начин за поголема мобилност на полициската служба, посебно во летните месеци кога има зголемена фреквенција на сообраќајниците во Охрид, можност за побрзо пристигнување на местото на настанот каде има нарушување на јавниот ред и мир или имотен деликт, посебно во централното градско подрачје, откривање и пронаоѓање на сторителите на кривични дела или одржување на јавниот ред и мир, како и укажување помош и заштита на граѓаните и поголема ефикасност во извршувањето на вкупните полициски работи утврдени со закон. Велосипедската полициска патрола во Охрид, за првпат стартуваше во 2008 година, откако припадниците поминаа низ посебна обука, реализирана од инструктор со сертификат за посебни техники на полициско велосипедско патролирање, претходно обучен од американски полициски обучувачи за полициско патролирање на велосипед. Овој начин на патролирање значително придонесува за подигање на степенот на севкупната безбедност во Охрид, особено во летните месеци.
Покрај другото, патролата претставува посебна туристичка атракција која со воодушевување е прифатена од охриѓани и од туристите. Патролата е редовно присутна и во обезбедување на музички и спортски манифестации што во летниот период се одржуваат во Охрид. Покрај позитивното делување за поблизок контакт со граѓаните, посебно со младите, патролата го афирмира велосипедизмот како спортска дисциплина, ја промовира грижата за здрав начин на живот и го надоградува позитивниот имиџ на полицијата во јавноста. Секако, тука е и значителната економска оправданост од постоењето и работата на велосипедската полициска патрола, соопштија од СВР Охрид.