Полицаец уапсен во Атина, пукал во воздух пред Економскиот факултет

47

Полицаец е уапсен откако пукал во воздух со службениот пиштол во близина на Економскиот факултет во центарот на Атина, откако полициското патролно возило било нападнато од група лица кои претходно палеле канти за отпадоци, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчката полиција, група од околу 35 лица, кои излегле од Економскиот факултет, претпладнево запалиле канти за отпадоци и ги поставиле како блокади на главната улица.

Од грчката полиција соопштија дека иако постоело наредба да не се приближува полицијата, возило на грчката полиција со тројца полицајци се нашло на местото и било нападнато од групата со камења и разни предмети.

Автомобилот претрпел штети, двајца од полицајците веднаш излегле од возилото, но третиот останал заглавен во возилото и го употребил службеното оружје пукајќи во воздух.

Подоцна, бил уапсен и против него е поднесена соодветна кривична пријава, а паралелно по наредба на началникот на грчката полиција, веднаш се поведуваат постапки за дисциплинска истрага за инцидентот.