Полицаец заработи кривична пријава – пукал со пушка на семејна веселба

99

Од МВР информираат дека е поднесена кривична пријава против полицаец за предизвикување општа опасност, бидејќи пукал на семејна веселба.

-Денеска по претходно добиени информации дека полициски службеник, вработен во Полициското одделение Петровец при СВР Скопје, извршил кривично дело “предизвикување општа опасност”, предвидено и казниво по член 288 од КЗ, пукајќи на веселба во дворот од својот дом, од страна на полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дроги, оружје и опасни материи во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и СВР Скопје – Единица за насилен криминал и Единица за интервентна полиција, по претходно издадена наредба за претрес на дом од страна на судија на претходна постапка при Основен кривичен суд, извршен е претрес во домот на полицискиот службеник В. И. во с. Синѓелиќ, скопско.

При претресот е пронајдена пушката “хуглу” модел ХР 7 (користена при кривичното дело) и пиштол за светлосно звучна сигнализација “екол”, кои ги поседува со дозвола и потврда за поседување на овој вид оружје.

Известен е јавен обвинител од ОЈО Скопје, а В.И. е лишен од слобода. По насоки од јавен обвинител, против В.И. ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело “предизвикување општа опасност” по член 288 од КЗ, информираат од МВР.