Политичарите в среда ќе потпишат декларација за фер избори

Учесниците во изборната трка ќе стават параф на хартија, како ќе биде во пракса ќе видиме.

47

Дали Македонија, како земја членка на НАТО и со речиси 20-годишен статус на кандидатка за ЕУ, има капацитет да организира фер и демократски изборен процес, без нерегуларности, на кој вистински ќе биде отсликана граѓанската волја? Прашањето го актуализираат бројните активности што се преземаат спроти изборите, со цел обезбедување нормален процес на двојните избори на 24 април и на 8 мај.

Па така, во пресрет на кампањата за претседателските избори, која почнува за два дена, политичките партии што учествуваат на изборите в среда ќе потпишат декларација со која ќе се обврзат на фер, слободни и демократски избори и против говорот на омраза.

Потпишувањето на декларацијата е традиционален настан, кој го организира Институтот „Охрид“ од 2014 година и се одржува пред секои избори.

– Потпишувањето на оваа декларација ќе пренесе јасна порака до целата македонска јавност дека младите политичари, како идни носители на одлуки, имаат силна волја и решителност да бидат идни лидери и да создадат поинаква политичка култура, издигнувајќи го политичкиот дијалог на повисоко ниво – посочуваат организаторите.

Декларацијата ќе ја потпишат претседателите и подмладоците на политичките партии.

Инаку, најголем дел од политичките субјекти деновиве и декларативно излегоа со уверувања дека нема да водат црна кампања и дека ќе се фокусираат на промоција на програмата, но, сепак, најголемите партии од власта и од опозицијата не се откажаа од остра меѓусебна конфронтација, преку изјави за медиумите, на партиски трибини и преку соопштенија. На политичката сцена, судирите меѓу најголемите партии, владејачкиот СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изминативе недели се однесуваа на прашањата поврзани со нивните претседателски кандидати и со евроинтегарциите, додека најострите критики во албанскиот политички блок беа поврзани и со предупредувањата за можни изборни нерегуларности.

И додека партиите се залагаат за демократски избори, а меѓусебно се обвинуваат за опструкции во таа насока, двојните избори ќе бидат набљудувани од засилени меѓународни мисии.

Па така, на изборите ќе има вкупно 300 краткорочни и 20 долгорочни набљудувачи на ОБСЕ ОДИХР. Долгорочните набљудувачи ќе бидат распоредени од 27 април, во тимови од по двајца, во Тетово, Охрид, Битола, Прилеп, Струмица, Кочани, Куманово, Штип. Во Скопје ќе има два тима. Краткорочните набљудувачи, пак, ќе пристигнат пред изборите. Тие ќе ги набљудуваат избирачките места на денот на гласањето и пребројувањето и сумирањето на гласовите.

Бројот на набљудувачи се заснова на препораките од мисијата за проценка на потребите, по реализираната посета во јануари годинава, изјави деновиве амбасадорката Џилијан Стирк од Канада, која ќе ја предводи мисијата на ОБСЕ/ОДИХР.

– Има два вида избори во ист ден, па не е невообичаено да има голем број набљудувачи и дека баравме голем број набљудувачи за двата вида  избори – рече Стирк.

Инаку, на последните предвремени парламентарни избори во 2020 г., поради пандемијата, форматот на мисијата на ОБСЕ/ОДИХР беше специјална мисија за проценка на изборите, составена од деветмина членови, а претходно ОБСЕ/ОДИХР ги набљудуваше претседателските избори во 2019 година со 195 краткорочни набљудувачи.

Изборите во земјава ќе ги набљудува и комисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе има 22 пратеника, кои ќе бидат присутни во државата на денот на гласањето, и на 24 април и на 8 мај.

Важна алка во делот на институциите надлежни за спроведување фер и демократски изборен процес е и МВР, но на само неколку недели пред одржувањето на првиот круг од претседателките избори на 24 април, власта и опозицијата меѓусебно се препукуваа и околу поставувањето началник во СВР Тетово.

Техничкиот министер за внатрешни работи, Панче Тошковски, укажа дека е сериозно загрижен за изборниот процес откако имаше опструкции од Владата, која не дозволила да назначи нов началник на СВР Тетово. По неуспешниот обид за смена на началникот на СВР Тетово, Тошковски потоа најави дополнително полициско присуство на изборите во тој регион и потенцираше дека ќе стори сè МВР да биде на висина на задачата и да гарантира организирање безбедни избори.

Изборната единица шест го опфаќа Тетовско- гостиварскиот Регион и е најважна за партиите од албанскиот политички блок, со оглед што таму го добиваат најголемиот процент од гласовите за пратеници.

Инаку, со доаѓањето на функцијата технички министер, Тошковски предложи смена и на 15-мина началници и нивни заменици за да обезбеди оперативно работење на МВР до изборите до истекот на својот мандат.

И заменик техничкиот министер во МВР, Митко Бојмацалиев, деновиве изјави дека негова заложба ќе биде МВР да организира европски избори какви што биле претходните што се одржаа во Македонија.  Бојмацалиев истакна дека спроведувањето европски избори е одраз на нашата зрелост како демократско општество и доказ за нашата посветеност кон демократските вредности и нашиот напредок кон Европската Унија.