Политико: Седум земји се против членството на Украина во НАТО

76

Освен Германија и Соединетите Американски Држави (САД), на влезот на Украина во НАТО се противат и Унгарија, Словачка, Белгија, Словенија и Шпанија.

Како што пишува „Политико“, победничкиот план на украинскиот претседател Володимир Зеленски се соочува со предизвици, а некои клучни членки на Алијансата не се заинтересирани да ја поканат Украина да влезе во НАТО.

Германија и САД се меѓу главните сили кои се спротивставуваат на повикот на Зеленски да се приклучи на НАТО, загрижени дека ќе бидат вовлечени во војна со Русија.

-До денес, Алијансата не стигна до точка кога е подготвена да понуди членство или покана за Украина, рече за Политико амбасадорката на САД во НАТО, Џулијан Смит, која ја напушта функцијата. Унгарија и Словачка исто така даваат отпор, но од друга причина – нивните популистички лидери заземаат проруски став. Унгарскиот премиер Виктор Орбан ги блокираше фондовите на ЕУ за обезбедување на оружје за Украина и се повлече од програмата на НАТО за помош за Киев, а словачкиот премиер Роберт Фицо претходно овој месец предупреди дека пристапот на Украина во НАТО ќе биде добра основа за трета светска војна и вети дека никогаш нема да се согласи на тоа.

-Земјите како Белгија, Словенија или Шпанија се кријат зад САД и Германија, рече еден претставник на НАТО.

Сепак, официјални лица кои зборуваа за „Политико“ нагласија дека ниту САД, ниту Германија не ја исклучуваат можноста за идно членство на Украина во НАТО.