Синдикатите и Владата, денеска, повторно ги продолжија разговорите за зголемување на платите во јавниот сектор. До доцните попладневни часови разговорите сè уште беа во тек, а до затворање на весникот ВЕЧЕР не добивме информација дали синдикатите се изборија за покачување на платите по нивни терк. Тие очекуваат двоцифрено зголемување на платите од септември, согласно инфлацијата и исплата на регрес за годишен одмор, а од март 2025 година да почне новата методологија за раст на платите.
Синдикатите и власта се пресретнаа, но сè уште се готви договорот. Тие денеска повторно се сретнаа во Министерството за финансии во обид да најдат заедничко прифатливо решение за зголемувањето на платите, како и методологијата за раст на платите во јавниот сектор. На стартот на состанок оптимизам имаше меѓу двете страни, бидејќи по последната средба, што се одржа деновиве, ставовите им се приближија.
Министерот за финансии Фатмир Бесими најави дека според климата и интензитетот на разговорите блиску се до постигнување на договор.
– Мислам дека има солидна клима, меѓусебна доверба, волја за решение. Треба уште некои финеси да ги дефинираме и доколку сме со овој интензитет, прашање на денови е кога би го заокружиле прашањето со синдикатите во интерес на сите граѓани, посочи Бесими и дополни дека е прифатливо коефициентот да се воведе како нов модел и неговото врзување со просечната бруто плата, доколку се согласат со синдикатите, би се реализирано од март 2025 година.
Бесими дополни дека дотогаш би имало транзициски период во кој ќе растат платите, но со која динамика не е прецизирано. До затворање на весникот ВЕЧЕР не добивме информација дали синдикатите се изборија за покачување на платите по нивни терк.
Но, министерот Бесими нагласи дека системското решение ќе создаде солидна платформа во иднина економско-социјалниот дијалог да биде уште поквалитетен и потранспарентен.
– Ние сега правиме трансформација на системот како што правевме претходните две години кога воведовме системско решение за пензионерите и тие сега имаат континуиран раст на пензиите во услови на пораст на цените. Слично е и со минималната плата каде воведовме механизам. Сега и ова прашање ќе го решиме системски со платформата и потоа сите во секоја област, гранковите синдикати ќе ги продолжат разговорите според спецификите – дециден е министерот Бесими и дополни дека во зависност од договорот што ќе се постигне, ќе се види и дали од септември ќе има потреба за ребаланс на Буџетот.
Оптимизам има и кај синдикатите. Тие очекуваат двоцифрено зголемување на платите од септември и исплата на регрес за годишен одмор, а од март 2025 година да почне новата методологија за раст на платите.
– Инфлацијата е 14,2 проценти, порастот на минималната плата е 12,55 проценти и просечната плата минатата година пораснала 10,9 проценти. Ние како претставници на работниците сметаме дека тоа треба да биде стартна основа на која ќе го градиме заедничкиот однос и доверба со потпишувањето на Општиот колективен договор, изјави претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
Според Синдикатот нема ограничување, разговорите со Владата ќе се водат додека не се дојде до конечен исход. Тие се оптимисти дека ќе се најде потребниот модел по кој ќе се зголемат платите.
(В.Ма.)