Познатиот шпански фудбалер Цеск Фабрегас заврши на суд поради неплатена кирија, а му се заканува иселување!
Освен што има проблеми на спортскиот фронт, неговиот Комо е само на 18. место во Серија А по четири одиграни кола и два освоени бода, Фабрегас се најде и во лични проблеми.
Фабрегас, всушност, веќе некое време не ја платил киријата, а би можеле да го избркаат од луксузното сместување во Швајцарија.
„Се обидовме да стапиме во контакт со адвокатот на Фабрегас, но безуспешно“, изјави сопственикот на луксузниот стан во Бисоне, регион во Швајцарија кој е на само 25 километри од Комо. Поради ова целиот случај заврши на суд, а првото рочиште е закажано за следната недела.
Италијанските медиуми тврдат дека Фабрегас должи дури 36.000 евра во кои спаѓаат неплатена кирија и комуналии. Поранешниот фудбалер и денешен тренер се уште не се изјаснил на оваа тема, ниту неговите адвокати. Доколку поранешниот светски шампион со Шпанија го загуби случајот на суд, полицијата би можела да ги избрка него и неговото семејство од станот.
По неговата фудбалска кариера, Фабрегас се посвети на тренерската работа, а моментално раководи со новоформираниот италијански прволигаш Комо. Во дресот на шпанската фудбалска репрезентација забележа 110 настапи и 15 голови и два пати беше европски првак и еднаш светски првак.