– Мојот стил би го опишал како „привидна едноставност“. Стиховите не се преоптоварени со метафори и со сложени слики. Но зад првото, лесно читливо значење, се наѕира друго, понезабележливо, а зад него, можеби и трето. Ми се допаѓаат едноставноста и непреоптоварувањето, но во исто време, важно е текстот да се претвори во еден вид знак што проектира значења – вели латвискиот поет Тимофеев, чии стихови македонската публика ќе може да ги слушне во рамките на интернационалната вечер на второто издание на „Скопскиот поетски фестивал“, кое се одржува од 29 август до 1 септември
Сергеј Тимофеев е поет, новинар, преведувач и диџеј роден во Рига, Латвија, во 1970 година, во руско семејство. Неговите книги, како што вели, веднаш се објавуваат на руски и на латвиски јазик. Неговата збирка „Шумата почнува тука“ е преведена на македонски јазик во издание на „ПНВ публикации“. Предмет на неговите дела е современиот свет, особено поврзан со источната европска заднина, лични приказни и емоции на „новото време”. Тој ја комбинира модерната поезија со други уметнички форми и медиуми.
Македонската публика ќе има можност да ја слушне Вашата поезија на годинашниов втор по ред „Скопски поетски фестивал“. Што е она што ќе го понудите од Вашата поетска ризница и, всушност, како би го претставиле жанрот во кој творите?
Ќе читам стихови од книгата „Шумата почнува тука“, издадена во Македонија. А на отворањето на фестивалот ќе читам една песна што не е во книгата. Мојот стил би го опишал како „привидна едноставност“. Стиховите не се преоптоварени со метафори и со сложени слики. Но зад првото, лесно читливо значење, се наѕира друго, понезабележливо, а зад него, можеби и трето. Ми се допаѓаат едноставноста и непреоптоварувањето, но во исто време, важно е текстот да се претвори во еден вид знак што проектира значења, како филмскиот проектор.
Кој е главниот лајтмотив во Вашите песни и што Ве поттикнува да творите, од каде ја црпите инспирацијата?
Немам некој главен мотив. Но, за мене, е важно да го набљудувам светот таков каков што го познавам, каков што ми се открива. Ова е големиот потенцијал на поезијата ‒ таа нуди бројни авторски перцепции на светот. Од Хомер до Елиот и Гинзберг. И бидејќи светот се менува, има нови карактеристики, потребни ни се нови поетски гласови што можат да го пренесат нервот на времето. Или обратно, да нѐ однесат во некаква паралелна реалност.
Вие живеете во Рига, Латвија и пишувате на руски јазик. Колку успева да допре Вашата поезија до читателите од другите краеви на светот и каков е одгласот што го добивате?
Роден сум во Латвија, но во руско семејство. И се сметам себеси за претставник на латвиската култура, на поезијата на оваа земја. Сите мои книги во Латвија веднаш се објавуваат на два јазика ‒ руски и латвиски (во превод). Латвија има многу моќна поетска традиција, има интерес за зборот. Мои книги се објавени во превод во Италија, во Грузија, во Романија и во Македонија. Се подготвува издание и во Полска. Веројатно, најпрофесионален фидбек се написите на критичарите за овие изданија. Интересно е што најголем дел од рецензиите беа во Романија. Така, Габриела Фецеору во својата статија во онлајн изданието „Монден“ напиша: „Во 6:30 наутро оваа книга те тера да посакаш повторно да ги видиш старите пријатели, ти дава чувство на стара неповратна љубов на која би сакал да ѝ се вратиш, те потсетува на домот оставен зад тебе, на градовите во кои си живеел, на сликите што си ги видел и немало кој друг освен тебе да ги види… Сергеј ти вели дека секогаш има светло зад тебе, ако некој го оставил светлото запалено за тебе, тоа е добар знак каде и да си“.
Ваш избор песни со наслов „Шумата почнува тука“ е преведен и на македонски јазик од Јулијана Величковска, а во издание на „ПНВ публикации“. Дали знаете за македонски поети преведени на латвиски јазик и колку лично можете да придонесете за поголема соработка на поетите од двете земји?
Долги години се познавам со македонскиот поет Никола Маџиров. Во 2014 година, ја организирав поетската вечер „Север-југ“ во Рига, за време на годишниот фестивал „Денови на поезијата“ (кој се одржува низ целата земја во септември). И го поканивме Никола да настапи. А поетот Арвис Вигулс подготви преводи на латвиски, кои подоцна беа објавени во списанието „Латвју тексти“. Но, се разбира, има многу повеќе што може да се направи. Главната работа е владите на нашите земји да одвојат доволно средства за културата. На крајот на краиштата, без ова, невозможна е полноправна културна размена. И интересот на читателите е, исто така, многу важен. Книга без читатели, претстава без слушатели ‒ едноставно не функционира. Читателот/слушателот има многу важна улога. Се сеќавам дека во една стара научнофантастична книга во иднината имаше дури и таква почитувана професија ‒ „читател на поезија“. Навистина ги ценам луѓето што можат да уживаат во туѓата поезија.
Стана многу тешко да се пишува поезија со дневните вести за војната во заднина
Колку сегашната реалност наоѓа место во Вашата поезија и колку и како ја менува Вашата претходна перцепција за животот?
Поезијата секогаш ќе си најде место во светот, ако има луѓе на овој свет. Но, за мене, ситуацијата од оваа година е, се разбира, огромно разочарување во Русија, во земјата од каде што потекнуваат моите предци. И фактот дека рускиот јазик е поврзан првенствено со Русија, исто така остава свој белег. Но, ми се чини важно да се запамети дека многу поети што не живеат во оваа земја и не се поврзани со неа, пишуваат на руски. Литературата на руски јазик надвор од Русија е, можеби, најинтересното нешто што се случува на овој јазик во 21 век. Затоа што овде се појавува поинаков поглед, други системи на размислување и гледање на реалноста. Стана многу тешко да се пишува поезија со дневните вести за војната во заднина. Сè наоколу изгледа толку кревко. Од друга страна, ти станува појасно што е среќата: само спокоен ден полн со мирни активности. (Д.Т.)