Поевтинија дури и јајцата, маслото, кафето, месото, млекото…

Маркетите ги вратија старите цени на производите кои ги покачија. Поевтинија јајцата, маслото, кафето, месото, млекото... Откако во меѓувреме некои производи поскапеа за дури 25 отсто надлежните итно побара да се засилат инспекциските контроли во маркетите и да се коригираат цените на производите што се најпотребни за новогодишните празници. Тие најавија дека повторно ќе ги „замрзнат“ цените и ќе следат казни ако трговците си тераат по свое и не ја почитуваат мерката за поевтинувања

662

Цените беа намалени откако Владата се закани со поригорозни мерки кон трговците по поплаките на граѓаните за неконтролираниот раст на дел од производите. Откако во меѓувреме некои производи поскапеа за дури 25 отсто, надлежните итно побара да се засилат инспекциските контроли во маркетите и да се коригираат цените на производите што се најпотребни за новогодишните празници. Тие најавија дека повторно ќе ги „замрзнат“ цените и ќе има казни ако трговците си тераат по свое и не ја почитуваат мерката за поевтинувања. Инспекторите кои изминативе денови беа на терен во голем број маркети, открија значително зголемување на цените кај основните прехранбени производи кои не се опфатени со т.н. новогодишната кошничка.

Откако дел од трговците ги качија цените на основните продукти кои не се дел од новогодишната кошничка, премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше, по што биле забележани корекции на ваквите злоупотреби.

„Претходниве ден-два добивам информации од страна на Државниот пазарен инспекторат дека најголемиот дел од трговците ги враќаат цените на она ниво на коешто беа пред овие покачувања. Го почитуваат укажувањето и замолницата која јавно ја упативме до нив. Очекувам во периодот кој следи тоа да продолжи, иако редовно со интензивна контрола од страна на Државниот пазарен инспекторат. Ќе се следи состојбата и доколку имаме девијантно однесување од страна на трговците, ќе бидат преземени мерки. Последната мерка што ја има Владата на располагање е да донесе повторно ограничување или лимитирање на цената“, посочи премиерот и додаде дека засега нема потреба од поригорозни мерки бидејќи најголем дел од трговците го почитуваат укажувањето.

Во текот на инспекциите, инспекторите открија неусогласености во цените на некои основни производи, кои значително ги надминуваат предвидените граници за зголемување.

-Од мониторингот кај трговците на мало (маркетите) е утврдено дека цените на производите од „новогодишната кошница“ се намалени за 10 отсто, но се додадени и околу 30 нови производи (млеко и млечни производи, месо и месни производи, масло и јајца) каде се бележи намалување од 10 до 20 отсто, соопшти Државниот пазарен инспекторат.

Оттаму додаваат дека Пазарниот инспекторат е на терен низ цела Македонија и врши контроли кај добавувачите, производителите и маркетите.

-Мониторинг на цените се спроведува кај производите кои се дел од новогодишната кошница, но дополнително и кај одредени основни прехранбени производи кои не се дел од кошничката, информираат од ДПИ.

Во месец ноември, како што посочуваат од Инспекторатот постоело зголемување на цените на основните прехранбени производи, но со започнувањето на акцијата „Новогодишна кошница“ постигнато е нивно стабилизирање и намалување.

И од бизнисот апелираат компаниите кои доброволно се согласија дека ќе ги намалат цените на основните прехранбени производи во рамки на Новогодишната кошничка, да си го одржат зборот и да не го прекршуваат ветеното.

Од Стопанска комора на северозападна Македонија СКСЗМ уште еднаш го потврди ставот дека е против замрзнување на цените и ограничување на маржите.

Со флаерите што се споделуваат преку социјалните мрежи, маркетите ги информираат потрошувачите дека јајцата, гравот, маслото за јадење, видови колбаси, месо, кафе… можат да се купат по пониски цени. На пример, брашно за 34 до 42 денари, шеќер за 45, мешан кашкавал од 529 намален на 475 за килограм, табла јајца од 254 на 199 денари, грав од 73 на 59 денари, прасе од 399 на 359 за килограм… Намалени се цените на замрзнат грашок, на млеко, путер…

(А.С.)