Шилегов: Кој е овде луд, градот треба да излезе виновен дека пријавил?

97

Скопскиот градоначалник се запраша дали Градот треба да биде виновен што го пријавил случајот откако надлежниот јавен обвинител, денеска, до Единицата за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие да бидат обезбедени на законски начин, во рамки на предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола

 

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов упати остри критики кон институциите во врска со скандалот во фирмата „Еко клуб“ која опасниот медицински отпад несоодветно го третирала и потоа го праќала на уништување во „Дрисла“.

– Зарем, Градот треба да излезе виновен дека пријавил? Да, сум јас претпоставен, нити обвинителката денеска ќе беше обвинителка, нити инспекторот ќе беше инспектор. Државата има такви институции преполни со полуписмен кадар од претходната власт. Зарем мислите дека треба 50 дена да молчат. Кој е овде луд? Неприфатливо е објаснувањето на овие државни институции. Градот Скопје е сериозна институција. Вршиме надзор врз работење на сите институции кои се наши – вели Шилегов.

Надлежниот јавен обвинител, денеска до Единицата за економски и компјутерски криминал издаде наредба од мобилниот телефон на главниот инспектор во Град Скопје, Мирослав Богдановски, да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие да бидат обезбедени на законски начин, во рамки на предметот за третманот на медицинскиот отпад од страна на фирмата „Еко клуб“ од Битола.

Во соопштението од Основното јавно обвинителство Скопје до медиумите се информира дека на 31 јануари годинава дополнително од страна на Град Скопје преку архивата на обвинителството е доставено ЦД со определени материјали. Според ОЈО, кривичната пријава за третманот на медицинскиот отпад од страна на „Еко клуб“ ја поднел главниот инспектор на 13 декември минатата година, три дена откако го забележал настанот.

– При поднесувањето на пријавата, подносителот не доставил материјални докази, а за настанот не е приложена ниту службена белешка, ниту записник за констатирани неправилности од страна на подносителот-инспектор. Веднаш, истиот ден по приемот на кривичната пријава, дежурниот јавен обвинител пред кој бил пријавен настанот и кој изготвил записник за прием на кривична пријава, издал наредба до СВР Скопје за да се направат неопходните проверки со кои ќе се обезбедат докази во поглед на наводите во пријавата. СВР-Скопје постапило по наредба и до ОЈО било доставено известување со обезбедени и приложени писмени докази – велат од ОЈО Скопје.

Во соопштението на ОЈО детално ги наведуваат доказите од извршените инспекциски надзори, договорите за вршење дејност што ги поседува „Еко клуб“, тестирањата за загадувачките супстанции од садот каде што се вршел третманот на медицинскиот отпад, за отпадните гасови, како и за дозволата за вршење дејност – складирање и третман на опасен отпад и слично.

– Од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврди определени факти од значење за пријавениот настан. За целосно утврдување на фактичката состојба, Обвинителството ја продолжува предистражната постапка – се вели во соопштението.

Исто така, до Државниот инспекторат за животна средина е издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и за констатираните состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на правното лице, а до Управата за финансиска полиција била издадена наредба за проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект.

– Во зависност од сите направени проверки и од обезбедените докази од надлежните државни институции ќе биде донесена мериторна јавнообвинителска одлука – се додава во соопштението.

Скандалот со несоодветниот третман со медицински отпад од страна на битолската компанија „Еко клуб“ што го обелоденија од Град Скопје, е под лупа и на Министерството за животна средина. Државниот инспекторат за животна средина веднаш направи вонреден инспекциски надзор, но оттаму се уште нема одговор што е откриено.

Раководителот на секторот за инспекциски надзор во животна средина, Хусни Тачи вели дека при контролата во „Еко клуб“, извршена на 12 декември 2019 година, не биле откриени неправилности. Тој при посетата на печката за горење на медицински отпад лоцирана во „Дрисла“ увери дека контроли на инсталации со А интегрирана дозвола се прават редовно, но и вонредни по потреба.

Дозволи за транспорт на медицински отпад во земјава имаат четири компании, а три за третман на медицинскиот отпад. Тачи рече дека контрола вршат и во другите фирми што транспортираат опасен отпад, како тетовската „Рецикле“, „Еко клуб“ и „Дрисла“ и појасни оти контролите се редовни согласно годишната програма, а се вршат и вонредни по дојава.

Заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули, завчера рече дека се проверуваат сите дозволи и доколку се утврдат неправилности кај битолската фирма, никој нема да биде поштеден. Министерот Насре Нуредини се најде затечен од ваквата изјава на неговиот заменик и од медиумите побара време за да двајцата се координираат.

– Ќе ги погледнеме лиценците и ќе ги охрабриме инспекторите да си ја вршат работата. Ако Јавното обвинителство покрене истрага, има легални начини како и што да се преземе – нагласи Нуредини.

Лани од оваа форма на „Дрисла“ на уништување биле транспортирани 4.700 килограми медицински отпад, а само во јануари годинава 1.900 килограми.

– Нетретиран медицински отпад не смеел да се носи во „Дрисла“ – соопштија од партијата СДСМ од каде обвинија дека фирмата „Еко-Клуб“, која го години депонирала нетретиран медицински отпад во скопската депонија е сопственост на Сашо Јанакиески, кадар на ВМРО-ДПМНЕ и близок соработник на Никола Груевски.

Оттаму бараат овој случај да добие правна разрешница.

– Мора да има одговорност за овој скандал, бидејќи никој не смее да го загрозува здравјето на граѓаните – велат од СДСМ.

И од ВМРО-ДПМНЕ побараа одговорност за овој случај посочувајќи кон скопскиот градоначалник, Петре Шилегов, министерот за здравство, Венко Филипче и заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули.

– По објавениот скандал за „Дрисла“ и третирањето на медицинскиот отпад, одговорност од Шилегов, Филипче и Макрадули се уште нема. Шилегов не убедува дека контролите на надлежните инспекторати не покажале неправилности, а министерот за здравство Венко Филипче го нема никаде. Јавното обвинителство се уште е во зимски сон, не реагира за хаосот во „Дрисла“ – реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

(С.Бл.)