Под клима на 26 степени и носете летна облека дома и на работа

Климата за еден месец може да потроши околу 300-400 киловати, што преведено во пари значи дека за четиричлено домаќинство во стан од околу 40 квадратни метри може да биде од 1.800 до 3.500 денари. Професорот на Машинскиот факултет, Ристо Цицонков објаснува како да ја намалите сметката за електрична енергија, ако е вклучен клима уредот. Тој истакнува дека ако внатре температурата е 21 степен, а надвор 38, тогаш се троши приближно 100% повеќе енергија. Затоа, тој препорачува климите да се стават да одржуваат температура на 26 или 27 степени Целзиусови и дома или на работа да се носи светла и тенка облека, додека на политичарите и државните службеници им препорачува костумите да ги заменат со кошули со кратки ракави

4487

Иако е спасот поради горештините кои владеат во Македонија, климата е еден од најголемите потрошувачи на електрична енергија во домаќинството. Климата за еден месец може да потроши околу 300-400 киловати, што преведено во пари значи дека за четиричлено домаќинство во стан од околу 40 квадратни метри може да биде од 1.800 до 3.500 денари.

Колку температурата на надворешниот воздух е повисока, толку ќе се зголемува потребата за ладење, а тоа значи зголемување на потрошувачката на електрична енергија. Тоа повлекува зголемување на производството при што доминантна улога имаат фосилните горива, а тоа значи зголемување на емисијата на јаглерод-диоксид (СО2), кој е главен причинител на ефектот стаклена градина, т.е. глобалното затоплување со кое се покачува температурата на воздухот во атмосферата.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машинскиот факултет – Скопје објаснува што треба да се прави за да се заштеди енергија, а со тоа и пари.

– Значи ова не е вртење во круг, туку вртење во спирала која оди нагоре. Една од најбитните работи е намалување на потрошувачката на енергија. Постојат разни начини да се постигне тоа со мерки за подобрување на енергетската ефикасност за кои треба да има извесно вложување пари. Дали постои нешто со кое бесплатно може да се намали потрошувачката на електрична енергија? Да, постои – вели тој.

Во просториите во кои престојуваат луѓе треба да се одржуваат соодветни комфорни услови (на воздухот), а тоа се: температура, влажност, чист воздух, брзина на воздух, а д-р Цицонков вели дека температурата во летниот период внатре треба да биде 27 или 26 степени Целзиусови). Притоа, потенцира тој, луѓето треба да носат соодветна лесна (летна) облека.

– Ако надворешната температура е 35 степени, тогаш за секој еден степен пониска температура во просторијата ќе се троши приближно 12% повеќе електрична енергија. На пример, 24 степени е поудобна температура, но тогаш би се трошело околу 30% повеќе енергија – нагласува Цицонков.

Кога надвор има екстремно висока температура на воздухот, како на пример деновиве кога во градовите надминува 40 степени Ц, температурата на воздухот во просториите треба да биде и повисока од 27 степени.

– Од здравствени причини се препорачува температурна разлика помеѓу надворешниот и внатрешниот воздух да не биде поголема од 8 или евентуално 10 степени, бидејќи при излегување надвор човечкиот организам доживува шок од наглата и голема температурна промена. Во таков случај се препорачува и извесен престој во меѓупростор заради ублажување на таа промена – објаснува Цицонков.

Тој истакнува дека ако внатре температурата е 21 степен, а надвор 38, тогаш се троши приближно 100% повеќе енергија. Затоа, тој препорачува климите да се стават да одржуваат температура на 26 или 27 степени Целзиусови и дома или на работа да се носи светла и тенка облека, додека на политичарите и државните службеници им препорачува костумите да ги заменат со кошули со кратки ракави.

– Не само што ќе се штеди електрична енергија на тој начин, туку луѓето ќе заштедат и пари за облеката. Летната облека (кошула со кратки ракави) е многу поевтина од одело и кравата – констатира професорот Цицонков, кој е уредник на Првиот национален извештај за климатски промени на РМ кон ОН (2002 година).

Ако сакате да заштедите, експертите советуваат што е можно помалку светлина, која го загрева воздухот преку светилките, како и затворање на прозорците кога дневните температури се највисоки и помала употреба на уреди како телевизор кој зрачи топлина, особено ако работи неколку часа, а добри решенија се и вентилаторите, дури и најобичниот провев.

(С.Бл.)