Под итно да се направи Просторен план за Водно за спас на планината!

118

– Или ќе се бетонира неговата иднина во буквална смисла на зборот, или Водно за првпат во својата историја ќе биде вистински заштитено и дефинирано, децидни се од „Го сакам Водно“. Арсовска им ветила ќе се залага за заштита на просторот со Закон и ќе го реши проблемот со појавување на нови градби на парк-шумата. Во исто време проектот за Водно – зелен штит на Скопје ќе вклучува и пошумување со 100.000 садници автохтони видови дрвја годишно. Се предвидува и 24-часовен мониторинг на Водно

Под итно да се изработи Просторен план за Водно што ќе овозможи правилно зонирање на планината. Паралелно да се иницира во Собрание на РСМ постапка за носење на специјален закон за Водно со кој ќе се гарантира правилното зонирање на територијата на планината, соодветниот режим на заштита и ќе ги замрзне сите можни активности и носења на други планови, вклучувајќи ги и Планот за управување и урбанистичките планови или проекти, сè дури не се донесе Просторен план за Водно, како план од највисок ред.

Ова од идниот градоначалник и од новиот состав на Советот на Град Скопје го бараат од Граѓанското здружение „Го сакам Водно“ со цел, како што велат „Водно да биде спасено, а со тоа и градот заштитен“.

– Или ќе се бетонира неговата иднина во буквална смисла на зборот, или Водно за прв пат во својата историја ќе биде вистински заштитено и дефинирано – децидни се од „Го сакам Водно“.

Данела Арсовска, новиот градоначалник на Скопје, која на вчерашните локални избори доби најголема доверба од скопјани, на средбата со претставниците од граѓанското здружение „Го сакам Водно“ ги ислушала нивните сугестии и се обврзала итно да ги иницира сите неопходни чекори што ќе обезбедат сеопфатна и целосна заштита на Водно.

– Ќе се залагам за заштита на просторот со Закон и ќе го решам проблемот со појавување на нови градби на парк шумата, без да дозволам да се закова дури и една шајка. Во исто време проектот за Водно – зелен штит на Скопје ќе вклучува и пошумување со 100.000 садници автохтони видови дрвја годишно. Се предвидува и 24-часовен мониторинг на Водно, односно постојана грижа за парк шумата. Ќе има 24-часовна патрола на редари кои ќе се грижат за заштита на шумското и природно богатство, како и за безбедноста на планинарите при несакани ситуации, повреда или слично – вели Арсовска.

Таа потенцира дека за Водно не смее да има компромиси и решенијата ќе се креираат заеднички преку формирање на работен комитет од здруженијата, со професори и експерти кои ќе работат на сеопфатна заштита на Водно.

Скопјани му забележуваат на досегашниот градоначалник, Петре Шилегов, што го воведе зонското паркирање на Средно Водно. Сметаат дека да се платат 300 денари за паркирање за неколку часови прошетка по шумата, е прескапо. Бараат да се тргне зонското паркирање на Средно Водно, но и во Градскиот парк, и сметаат дека на тој начин Градот им ги зема парите на родителите за купување на пуканки, сладолед или шеќерна волна на своите дечиња. 

Голем проблем кој треба што поскоро да се реши е што боровата шума особено од јужната страна е нападната од боров четник, што градските власти во заминување многу малку го третираа. Скопјани сметаат дека Водно е туристичка атракција сам по себе, но мора да има модерен пристап како планината и нејзините потенцијали да му се понудат на туристот. Потенцираат дека Жичницата треба да се пушти, како и лифтот на Милениумскиот крст, како и во функција да се стави обиколницата која е изградена и не е пуштена.

(С.Бл.)